Свет
12. February 2016 - 8:39

Постигнат договор за еднонеделен прекин на огнот во Сирија

Американскиот државен секретар Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров објавија дека е постигнат договор за прекин на непријателствата на територијата на Сирија во период од една недела.

На заедничка прес-конференција со Лавров, што се одржа ноќеска по полноќ по завршувањето на средбата на Меѓународната група за подршка на Сирија (ИССГ) во Минхен, Кери соопшти дека прекинот на огнот не значи запирање на борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД) и огранокот на Ал Каеда во Сирија , Фронтот Ал Нусра.

Американскиот државен секретар истакна дека е постигнат договор и за забрзување и за зголемување на испораката на хуманитарна помош за цивилното население.

Шефот на руската дипломатија Лавров, од своја страна забележа дека „има причина за недеж“.

- Денеска навистина направивме голема работа, рече Лавров.

Тој истакна дека Русија ќе соработува со „вистинските“ опозициски групи за прекин на војната, нахласувајќи дека мора целосно да се имплементира она што е договорено.

Пред средбата на Меѓународната група за подршка на Сирија, во која се вклучени 17 земји и три меѓународни организиации, Кери и Лавров разговараа околу модалитетите на запирање на непријателствата.

Русија претходно понуди прекин на огнот од 1 март, што Вашингтон не го прифати, затоа што постојат стравувања дека до тогаш, опозициските бунтовнички сили ќе претрпат непоправливи загуби на северот и на југот на Сирија.

САД инсистираа на прекин на огнот, кој би стапил во сила веднаш, што се правдуваше со потреба од итна хуманитарна помош за населението во воените зони.

Објавувањето дека е договорен прекин на огнот за период од една недела, покажува дека Кери и Лавров на крајот сепак успеале да постигнат компромис.

- Досега повеќепати имаше повици за прекин на огнот, но сега прв пат се дотоворивме за запирање на непријателствата, рече Кери.

Американскиот државен секретар најави дека ќе бидат формирани специјални сили на ОН за надгледување на обезбедувањето на хуманитарната помош за сите страни.

Кери призна дека силите на сирискиот претседател Башар Асад, помогнати, како што рече, „од страна“, последниве недели успеале да стекнат предност на воен план, но забележа дека тоа се уште не значи крај на војната, ниту гаранции за неговата иднина.

Американскиот државен секретар и префрли на Русија дека во воздушните напади во Сирија повеќе ги бомбардирала позициите на сириските бунтовници, отколку на терористичките групи.

Рускиот министер од своја страна ја повтори позицијата на Москва дека нема да има „смена на режимот“ како во Либија, но Лавров и Кери се согласија за што е можно поскоро обновување на мировните преговори во кои ќе бидат вклучени сириската Влада во Дамаск и бунтовниците.