Македонија
23. May 2019 - 12:20

Поставувањето директор на АР е надлежност на претседателот, смета премиерот

Премиерот Зоран Заев смета дека поставувањето на Ерол Муслиу за нов директор на Агенцијата за разузнавање е надлежност и право на претседателот на државата.

– Претседателот знае понекогаш да не консултира за одредени прашања. Тоа се негови надлежности и секако негово право е. Верувам дека консултациите ќе продолжат, за ова и за други прашања. Претседателот на државата ќе одговори, јас немам амбиции да мешам во тој дел, знаете дека сум прилично внимателен. Тоа е негова надележност, но верувам дека транспарентноста и правото на коментирање за одредени случаи од сите политички партии е добредојдено, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање за забелешките од ДУИ за назначувањето на Ерол Муслиу за нов директор на Агенцијата за разузнавање.

Премиерот Заев најави дека веројатно следната недела ќе има нова средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети во врска со најавените промени во извршната власт.

– Веројатно следната недела ќе продолжиме зашто чекам повратна информација, секако и тој од мене, и сите коалициски партнери продолжуваме понатаму. До крајот на оваа недела ќе се случувааат одредни работи во самите политички партии, а идната недела веќе верувам дека ќе излегуваат на површина и одредени одлуки кои верувам дека ќе бидеме подготвени да ги донесеме, рече Заев по работниот појадок со бизнисмените во хотел „Хилтон“.