Македонија
15. August 2019 - 16:24

Поставени информативни табли на спомениците од македонската античка историја согласно Преспанскиот договор

По шахтите, одредбите од преспанскиот договор се применија и за спомениците во центарот на градот на најмаркантните личности од историјата. На плоштадот Македонија на фонтаната од постаментот Воин на коњ надлежните за споменикот напишаа дека е поставен

„Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историско наследство. Овде е претставен како воин на коњ.“

Ознаките се напишани на македонски, албански и англиски јазик.

Нова ознака е поставена и на споменикот на Олимпија, мајката на Александар Македонски, објаснување има и за спомениците на Филип Втори на влезот од скопската чаршија и на плоштадот во Автокоманда.

Минувачите не обрнаа внимание на новите ознаки  кои утрово осамнаа на спомениците иако многумина од нив се фотографираа пред нив.

Исто како на фонтаната каде е поставен Воинот на коњ, така, на Олимпија така и на фонтаната каде се наоѓа споменикот на Филип 2 ознаките се поставени на сосема не забележителни места, бидејќи туристите минуваат од другата патека.

Овие 4 таблички се поставени од градот Скопје под чија надлежност за одржување се спомениците. Истите се согласно договорот од преспа кој предвидува по 6 месеци откако ќе стапи на сила оваа спогодба, да се преиспитаат сите објекти кои содржат елементи кои на било каков начин укажуваат на хеленската историја која е составен дел на грчката историја.  

Претходно скопскиот градоначалник најави промена на имињата на улиците според чии најави најверојатно ќе се менува и името на булеварот Александар Македонски. Од министерството за култура појаснуваат дека немаат директна надлежност врз било каков спорен објекти и согласно наредбата на владата локалните власти се тие кои постапуваат. Табличка со ознака денеска од Скопје патува и кон Прилеп за споменикот Александар Македонски кој е поставен на градскиот плоштад. Останува нејасно дали по бришењето на сонцето од Кутлеш, ќе се бришат и симболите кои наликуваат на него но се со поинаков број зраци. Такви симболи има на штитовите кои ги држат војниците на постаментот Воин на коњ.

Трошоците за менување се на товар на институциите кои ги прават.