Македонија
21. November 2019 - 15:39

Поставена бистата на американскиот претседател Вилсон во Чаир

Албанскиот и македонскиот народ се многу благодарни на американскиот претседател Вудроу Вилсон за зачувувањето на етничките и територијалните интереси на балканските народи. Со овие зборови градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу ја почна свечената академија по повод инаугурацијата на бистата на претседателот Вилсон во дворот на општината.

Ганиу, пред присутните, меѓу кои и делегација од родниот град на Вилсон, Стаунтон во САД, рече дека претседателот беше дипломат и интелектуалец, кој во сите важни политички одлучувања мудроста ја користел пред ароганцијата и прагматизмот пред арбитрарноста.

– Нашата Општина ќе продолжи да ја негува традицијата на соработка и пријателство со градот Стаунтон, Вирџинија, САД, преку институционализирање на оваа соработка преку разни форми и проекти. На иницијатива на Али Ахмети, фигурата на претседателот Вилсон, отсега ќе биде пред нашата Општина  и тоа ќе биде добра инспирација за сите нас, која истовремено гласно зборува за одредниците како граѓани, општина и како земја, рече Ганиу.

Градоначалничката на Градот Стаунтон, Кароли Даул, пред присутните на академијата на која присуствуваа и претседателот на Парламентот Талат Џафери, лидерот на ДУИ Али Ахмети и многу други политички и дипломатски претставници, истакна дека е почестена со нејзиното присуство во Општина Чаир за размена на идеи, култури меѓу нашите градови, во време кога поголемиот дел од светот е поделен во конфликти.

– Нашата врска се одвиваше во духот на мирот пред еден век од претседателот Вудроу Вилсон. Важно е ние да рефлектираме  и да се стремиме кон напорите на државата во која ги ужива светот благодарение на претседателот Вилсон. Исто така, чест ми е што сум во родното место на Мајка Тереза, една од најинспиративните мировници. И покрај тоа што нашите градови многу километри се далеку, јас  ве сметам за добар сосед, рече градоначалничката Даул.

Инаку, американскиот претседател Вудроу Вилсон е познат низ целиот свет како бранител на малите народи, односно поддржувач на народите за слобода и самоопределување.