Македонија
15. May 2017 - 11:49

Поставен камен-темелник за натпатник кај Башино Село

Кај велешко Башино Село денеска се постави камен-темелник за изградба на натпатник над автопатот Скопје–Велес со кој ќе се поврзат црквата „Свети Никола“ и гробиштата, кои се разделени по изградбата на автопатот, пред повеќе од педесет години.

Како што информира градоначалникот Славчо Чадиев, целосната должина на пешачкиот мост изнесува 43,06 метри. Со пристапните патеки од двете страни должината на објектот изнесува 60 метри. Мостот ќе биде широк три метри, а делот кој ќе биде наменет за пешаците ќе изнесува 2,6 метри.

- Со изградбата на пешачкиот натпатник ќе исправиме една голема неправда која им е нанесена на локалните жители во периодот кога се градел автопатот Е-75 од Скопје за Велес во почетокот на 60-тите години од минатиот век, со кој значително им е отежната комуникацијата од црквата до гробиштата. Сегашното решение е со многу заобиколувања и движење по лош пат за да се стигне до гробните места, рече Чадиев.

Вкупната инвестиција, додаде, изнесува 5,7 милиони денари со вклучен ДДВ, средства кои се обезбедени од буџетот на општина Велес.

Како што појасни Чадиев, проектната документација на изградба на натпатникот се подготвуваше две години и два месеца, а изградбата се очекува да биде готова за шест месеци.