Македонија
12. November 2016 - 10:54

„Последен поздрав до оној кој не стави појас“ - нова кампања на РСБСП

 „Последен поздрав до оној кој не стави појас“ e насловот на новата кампања која во наредниот период ќе ja реализира Републичкиот совет за безбедност на соообраќајот на патиштата (РСБСП).

Целта на кампањатa е зголемено користење на сигурносните појаси од страна на возачите и сопатниците преку подигнување на нивната свест за последиците од неупотребата на појасите. Кампањата раскажува цели животни стории низ една фотографија, која пак со својата моќ со која ја пренесува пораката, не остава простор за дополнителни зборови. Животните стории од фотографиите се вистински и се лични судбини на луѓе чиј живот згаснал како резултат на несовесно и неодговорно учество во сообраќајот–како резултат на не-користење сигурносен појас. Многу нешта на денешниот ден би биле различни, многу луѓе би биле посреќни, многу семејства нема да беа завиткани во црно и многу лица ќе беа ослободени од горката тага, со неизмерлив бол и јад во душата, доколку нивните блиски користеа сигурносен појас, наведуваат од РСБСП.

Истражувањето кое РСБСП со партнерите го спроведе изминатиот период, а во кое се набљудувани и се анализирани возачи од 13 општини во Република Македонија, покажува дека  процентот на возачите кои користат сигурносен појас изнесува околу 30%. Овој процент е за неколку единици поголем кај совозачите. За споредба, во Европа само 1/3 или 30% од возачите го прекршуваат законот и не користат појас. Истовремено, истражувањата од релевантните меѓународни организации покажуваат дека 50% од возачите кои го загубиле животот  на патиштата, загинале поради тоа што не користеле појас, односно  истражувањата покажуваат дека сигурносниот појас го намалуваа ризикот од фатални последици при сообраќајна незгода за 50%.

Циклусот активности од оваа кампања, поврзани со подигнување на свеста за употреба на сигурносен  појас, ќе трае неколку месеци. Во тој период, ќе се делува превентивно и едукативно на возачите и сопатниците на различни начини, а за потребите на кампањата се изработени едукативни материјали, подготвени се едукативни настани и превентивни предавања. Кампањата ќе се реализира на територијата на Република Македонија, а целна група ќе бидат возачите и патниците како учесници во сообраќајот.

- Кампањата ќе биде со поинаков концепт од оној кој досега РСБСП го применуваше, ќе биде  „црна“ ,  мрачна и по малку морбидна,  за некои  луѓе ќе биде непријатна, за други премногу силна, емотивна, за трети стресна, итн. Мотивот за реализација на оваа кампања, со ваков концепт  е да се  предизвика чувство на вознемиреност, чувство на внатрешен немир, неспокој. Со оваа кампања сакаме да потенцираме дека не е важно само да научиш да возиш, или да те возат, туку важно е да ги почитуваш сообраќајните правила и да научиш да се заштитиш како возач или патник. Изборот и употребата на  сигурносниот појас е избор помеѓу животот  и смртта. Затоа не дозволувајте  возењето без појас да биде причина за ваш или нечиј „последен поздрав“. Законот предвидува соодветни казни, но нема поголема казна од последиците од  сообраќајните незгоди во кои учесниците не носат појас, вели Стојче Стаменковски, претседател на РСБСП.

Од РСБСП потсетуваат дека Законот за безбедност на  сообраќајот на патиштат предвидува дека возачот на моторно возило во кое се вградени сигурносни појаси и лицата кои се превезуваат со тоа возило, се должни да бидат врзани со тие појаси на начин утврден од производителот на возилото, за време додека возилото се движи во сообраќајот на пат.