Македонија
27. August 2018 - 16:35

Последен аплауз за Ванчо Петрушевски во Драмскиот театар

Драмскиот театар се прости од Ванчо Петрушевски. Ненадејната смрт на доајенот на македонското глумиште ќе остави место кое никогаш нема да биде пополнето, а неговата работа ќе остане како траен и неизбришлив белег, беше истакнато на емотивната комеморативна седница во Драмски. Неговиот најблизок соработник и пријател, актерот Гоце Тодоровски, низ плач потсети на богатата биографија на Петрушевски. 57-те години поминати заедно ги опиша како неповторливо искуство, а Ванчо - како редок и исклучителен актер.  

Ванчо, Ване, Иван, Рамче, како што беше познат меѓу пријателите, секогаш ќе биде втемелен во сеќавањата и во колективната меморија на македонскиот народ, беше речено на Комеморацијата, а неговото дело претставува аманет за идните генерации македонски глумци.

Колегите на Петрушевски со пиетет зборуваа како за неговите професионални, така и за неговите човечки квалитети.

Сочувство до семејството на актерот Петрушевски преку телеграми изразија претседателот Иванов, премиерот Заев, министерот за култура Адеми, а неговите соработници, режисери, пријатели и обожаватели му го упатија и последниот аплауз.