Македонија
9. April 2019 - 13:49

Последен аплауз за Беличанец: Прв те дочекав на оваа сцена, и прв те испратив, Лилиќ со созли во очите се прости од својата колешка

Во Драмскиот театар во Скопје денеска се одржа комеморација за актерката Билјана Беличанец која почина во саботата.
 
На комеморацијата последна почит на Беличанец и оддадоа нејзините роднини, бројни колеги актери, кои за последен пат се поздравија од актерката.
 
Нејзиниот колега актерот Дејан Лилиќ рече дека Беличанец живеела на сцената, и кога не била на некои претстави, постојано ја споменувале.
 
– Многу те сакаме сите. Прв те дочекав на оваа сцена и те испратив од оваа сцена прв. Билјана ти никогаш нема да бидеш во минато време, туку во сегашно време. Оние кои те познаваат, знаат дека ти си голем човек со големо срце. Ти никогаш не глумеше на сцената, ти живееше овде. Бескрајно талентирана, ѕвер од човек. Многу те сакаме сите, рече Лилиќ на комеморацијата.
 
Актерот Драган Спасов Дац простувајќи се од Беличанец, рече дека „аурата на Драмски театар се збогати со уште еден дух кој ќе биде тука до нас“.
 
 
– Отсекогаш сум велел дека овој театар има духови кои ни ја даваат енергијата кога ни е најтешко. Не остави збунети и во болка, не остави да замислуваме што уште можеше да направиш овде. Ти едноставно на сцената беше Билјана Беличанец. Ти на оваа сцената беше мојата Сара, Цвета,Сузана, Билјана Беличанец. Лука и Мона да се гордеете со мајка ви оти имате силна причина за тоа, рече Дац.
 
Актерката Снежана Конеска Руси, рече дека во текот на нејзиното созревање како актерка била нејзин учител и родител.
 
– Не знам како доаѓа период кога јас станувам твој родител и учител. Можеби те учев како да газиш по трнливиот пат. Ѕвони твојот глас во секоја улога, песна, синхронизација.  Твојот учител Снешка. Те мислам. Јас те чекам или чекај ме, рече Конеска Руси.
 
Во текот на комеморацијата се емитуваа инсерти од претстави во кои глумеше Беличанец.
 
Билјана Беличанец (1973-2019) беше актерка во Драмскиот театар од 1997 година, а три години претходно работеше во Прилепскиот театар. Од дипломирањето на ФДУ во 1994 Беличанец имаше голем број театарски улоги и награди на фестивали.
 
Играше во претставите: „Заводникот од западниот свет“; „Свадбата на Фигаро“; „Кандид во земјата на чудата“; „Тетовирани души“; „Три сестри“; „Домот на Бернарда Алба“; „Демонот од Дебар Маало“;  „Кинегонда во Карлаленд“; „Грев или шприцер“; „Последните Македонци“; „Љубовници“…, како и во филмовите „Мајки“ и „Од денес до утре“.
 
Беше дел од ТВ-проектот „Здраво генијалци“, а во последните години го позајмуваше гласот за ликови во турски ТВ-серии.
 
Во 1996 на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ја доби наградата „Трајко Чоревски“ за најдобар млад актер за улогата на Медеја во истоимената претстава. Четири години подоцна доби награда за најдобар млад актер и на Мали и експериментални сцени во Сараево, за улогата на Ерика Брукнер во претставата „Мефисто“.
 
На прилепскиот фестивал Беличанец доби награди за најдобро актерско остварување – во 2009 за улогата Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ и во 2012 година за улогата на Сара во „Генетика на кучињата“.
 
Од 2013 до 2017 Билјана Беличанец извршуваше и функција градоначалник на скопската општина Кисела Вода.