Македонија
26. April 2019 - 12:17

Послаб интерес за патување кај битолчани за престојните велигденски и првомајски празници

Послаб е интересот за патување кај битолчани за престојните велигденски и првомајските празници оваа година и покрај поголемиот број неработни денови кои можат да се поврзат. Од туристичките агенции велат дека очекувале поголем интерес, но претпоставуваат дека причината за послабиот интерес се изборите.

- Иако оваа година велигденските и првомајските празници се речиси споени, добивме комбинација од 6-7 неработни дена. Очекувавме голем интерес, интерес има за патување , но не во толкава мера како што ние очекувавме. Веројатно тоа се должи на изборите, бидејќи е помеѓу првиот и вториот круг на изборите, такво е расположението кое моментално владее кај граѓаните, изјави МАЈА МИНЧЕВСКА, ТУРИСТИЧКИ РАБОТНИК.

Најчестите аранжмани кои ги избраа битолчани се до поблиски дестинации, со пониски цени.

- Повторно е најатрактивен Истанбул, затоа што се дочекува Велигден во Цариградската патријаршија, тоа е најпопуларната дестинација за овој Велигден, има помал интерес за Прага и Милано, но поголем дел се одлучија за Истанбул, но исто така и на Крф, каде ќе може да ја проследат свечената манифестација по повод Велигден, истакна Минчевска.

Останатите кои се одлучија за туристички аранжман за празниците, ги избраа поблиските дестинации во Србија, Бугарија и Грција.