Македонија
21. March 2019 - 14:11

Посетата на папата – настан од историско значење и признание за државата

Првпат во својата историја Република Северна Македонија и нејзините граѓани од католичка вероисповед, но и сите други граѓани на чело со претседателот и премиерот на 7 мај ќе бидат домаќини на посетата на светиот отец папата Франциск и на високата делегација од Ватикан. Посетата на папата ја гледаме како директен придонес кон унапредувањето на регионалниот и светскиот мир и како признание за улогата што Република Северна Македонија ја има во овие процеси.

Ова денеска  го истакна државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски на прес-конфенција во НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“ во Скопје, на која ја презентираше програмата за претстојната посета на поглаварот на Римокатоличката црква на државава.

Се подготвуваме и организираме настан, посочи, од историско значење за нашата земја и за граѓаните од сите верски и етнички заедници, настан кој во ова време на интеграции на земјата ја засилува внатрешната кохезија и дава стимул за нашето заедничко живеење.

– Првата посета на поглавар на Римокатоличката црква на главниот град на нашата држава претставува голема чест и има силна симболика, се реализира во годината кога одбележуваме 25 години од воспоставувањето дипломатски односи и претставува потврда на пријателските односи и соработката заснована на значајни историски врски, споделени духовни вредности и традиции. Во овој контекст неодминливо е спомнувањето на светите ликови на Мајка Тереза, како и на светите браќа словенските просветители Кирил и Методиј, чии хумани мисии оставија трајни, духовни и цивилизациски вредности, рече Димовски.

Посочи дека соодветно на големината и значењето на оваа посета за нашата земја и за регионот Владата и Министерството за надворешни работи како носители на ораганизациските активности, во соработка со Кабинетот на претседателот на државата и сите останати инволвирани институции ќе обезбедат сите оние кои ќе бидат непосредно вклучени во организација на овој настан да бидат на висината на задачите и протоколите кои важат за посетите на високиот гостин од Ватикан, кој важи за неоспорен првенец и морален авторитет на денешницата.

Во рамки на програмата, како што појасни, папата Франциск и делегацијата на Ватикан на аеродромот во Скопје ќе пристигнат на 7 мај во утринските часови, при што ќе биде организирана соодветна церемонија за добродојде, а официјалната церемонија со највисоки државнички почести ќе се организира во претседателската палата на Водно, по што ќе следува средбата со претседателот Ѓорге Иванов.

– Светиот отец потоа ќе оствари средба со претседателот на Владата, Зоран Заев, по што ќе следува средба со претставници на државниот врв, на цивилното општество и на дипломатскиот кор. Потоа е предвидена посета на „Спомен куќата на Мајка Тереза“, каде папата ќе има средба со лидерите на верските заедници и средба со сиромашни граѓани. Централниот настан светата миса со која ќе чиноначалствува светиот отец папата Франциск ќе се одржи на плоштадот Македонија, по што тој ќе се упати во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“, каде ќе се одржи екуменска и меѓурелигиска средба со претставници на младите од нашата земја и од регионот кои тој ден ќе бидат во Скопје, истакна Димовски.

Нагласи дека папата потоа ќе се сретне со свештениците и со нивните семејства, како и со многу посветените лица од Католичката црква, по што ќе следи официјалното испраќање на делегацијата со соодветна церемонија на аеродромот во Скопје.

– Со желба за максимално успешна организација на овој настан креиравме посебна веб страница www.papa.mk  на која се објавуваат сите неопходни вести, организациски и сервисни информации од важност за граѓаните и за медиумите. На веб страницата веќе е објавен повик за пријавување за присуство на настаните за граѓани од странство, како и повик за акредитација на странски медиуми. Повиците за пријавување и акредитација на граѓаните на нашата земја и за домашните медиуми ќе бидат објавени деновиве, рече Димовски и најави и следни средби со новинарите за повеќе детали за организацијата на овој голем настан.

Скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов рече дека посетата на светиот отец е апостолско патување, а задача на тоа апостолско патување е да донесе духовни плодови.

– Разбирливо важен е оној кој обработува и оној кој сее, но најважен е оној кој дава да расте, а тоа е Бог. Затоа упатив пастирско послание до сите верници во кое ја протолкував важноста на една ваква подготовка, а најмногу во молитвата. На крајот на пастирското писмо дадени се конкретни упатства, како што се секојдневна молитва за благослов на доаѓањето на папата, испечативме посебни сликички со молитвен текст, одредено е секоја парохија да избере еден ден во седмицата таканаречен „Папски ден“ кога верниците ќе се собираат на обожување, читање на Светото Писмо или друга молитва, рече скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Стојанов.

Потенцира дека посетата на Спомен куќата на Мајка Тереза е од големо значење, на централниот плоштад во Скопје ќе се одвива една од најсветите средби, бидејќи, како што рече, св.Евхаристија е средба со Бога и човекот.

– Средбата на папата со свештенството, монаштвото и соработниците е средба за соживот. Верувам дека пораката на папата ќе биде многу јасна и силна, бидејќи од досегашните искуства гледаме дека на таа средба посветува големо внимание. Оваа посета може да биде знак на добра волја да ја почитуваме нашата совест и достоинството на секоја личност и народ и да живееме со повеќе плодови на соработка и безбедност, додаде скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, Стојанов.

Одговарајќи на новинарско прашање Димовски рече дека станува збор за државна посета на највисоко ниво, се работи за историска посета за која важат и посебни протоколи за безбедност. Посочи дека е убеден дека нашето МНР во соработка со Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенцијата за разузнавање и со останатите пријателски и партнерски служби од странство, ќе ги преземат сите неопходни мерки за безбедно одвивање на оваа посета.

На прашање дали папатата со својот автомобил ќе помине низ улиците во Скопје, Димовски појасни дека ако временските услови дозволат се размислува и за тоа во рамки на посетата.

– Се работи за милениумска посета, која самата по себе е порака. Нашата дипломатија и Католичката црква веќе поголг период со години наназад работат на подоготовка на една ваква посета. Посетата во период кога Република Македонија ги затвори историските прашања, проблемите кои ги имавме во изминатите децении, кога со крупни чекори гази по патот на европските и евроатлантските интеграции, е уште една потврда на вредностите кои се обидуваме и како Влада и како држава да ги усвоиме и применуваме, рече Димовски, одговарајќи на новинарско прашање.