Балкан
24. March 2018 - 14:00

Портпаролот на ПАСОК: Грција да оди на избори, ако Независни Грци не гласаат за договор за името

Ако Независни Грци не гласаат за договорот за името на северниот сосед, Грција треба да оди на избори, вели портпаролот на ПАСОК, Павлос Христидис во утринска емисија на грчката телевизија Скај.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, Христидис, освен што упати критики до актуелната грчка коалициона влада во однос на тоа дека нема единствена позиција во разговорите за името, ги повтори и позициите на неговата партија.

-Сакаме искоренување на иредентизмот, промена на Уставот, да нема фалсификување на историјата, да постои единствена позиција, да нема поделба на решението на делови и ова да дојде во парламентот, а таму ќе ги изнесеме нашите ставови, кога од владата ќе добиеме заеднички предлог. Земјата има влада на СИРИЗА и Независни Грци, не може кога и одговара да е само СИРИЗА, а кога не и одговара да е СИРИЗА и Независни Грци. Ако не гласаат Независни Грци, земјата треба да оди на избори, рече портпаролот на ПАСОК.