Свет
4. April 2016 - 9:30

Порошенко се заканува дека ќе го распушти Врховната рада

Украинскиот претседател Петро Порошенко ги предупреди пратениците дека ќе го распушти Парламентот на Украина, доколку денеска не формираат нова влада и нова коалиција.

Тој потсети дека според Уставот, има рок од 30 дена да реагира на непостоењето владина коалиција, но на пратениците во Врховната рада и порача дека „ги немаат тие 30 дена“. 

- Нема да им ги дадам. Првиот работен ден очекувам одлуката да биде донесена, рече Порошенко во интервју за неколку украински телевизии.

Украинскиот претседател изјави дека во првата парламентарна недела, земјата мора да има нов премиер, нова коалиција, нова програма за работа на Владата, која ќе гарантира одредена стабилност во активностите на коалицијата и владата.

Порошенко претходно повеќе пати нагласуваше дека се противи на одржување вонредни парламентарни избори во Украина.