Македонија
1. September 2016 - 19:00

Пороен дожд и грмежи во повеќе делови од државата

Од попладневните часови на повеќе места во Македонија преовладува нестабилно време со пороен дожд и грмежи. На места се забележани поинтензивни процеси со поголема количина наврнат воден талог, силен ветер и појава на град.

Управата за хидрометеролошки работи соопшти дека интензивен пороен дожд имало во населените места на Маврово, Гостивар, а најинтензивни процеси имало во Прилеп каде околу 14 часот за половина час наврнале 20л/м2 дожд, а во текот на пет минути на метеоролошката станица врнело град. 

- Можна појава врнежи од град има и на други места, претежно во планинските подрачја според радарските слики од радарскиот центар Тополчани. Засилен ветер со удари од 70км/час имаше во Штип, а засилен ветер имаше и во Прилеп и Струмица. Стабилно беше во северниот и во поголем дел од јужниот дел од Повардарието. 

Во овие моменти на повеќе места сеуште има врнежи од дожд кои се со слаб до умерен интензитет.

Нестабилно со дожд и грмежи е во Охридско-Преспанскиот регион, помеѓу Гевгелија и Валандово, во Кумановско, во крајниот источен дел од Скопската котлина, односно од Илинден кон Петровец, а поизразена нестабилност има западно од Велес и Градско, со правец на движење кон запад.

Се очекува постепено стабилизирање на атмосферата, така што во ноќните часови ќе биде малку до умерено облачно со слаб до умерен северен ветер.