Македонија
13. July 2018 - 9:48

„Поречаните”- етнолошка изложба во Кавадарци

„Поречаните”, е насловот на етнолошката изложба од Јозеф Обрембски (1905 - 1967), еден од најзначајните полски етнолози и антрополози, чие творештво е тесно поврзано со македонската етнологија, која синоќа беше отворена во кавадаречкиот музеј, од страна на Вероника Станиец Порчик , вршител на должноста амбасадор на Република Полска во Македонија. Изложбата е подготвена од полската Амбасада. Таа рече дека ова ни го покажува богатството на македонската култура и фолклор. 

Директорката на музеј галеријата, Весна Ѓорѓиева рече дека творештвото на Обрембски токму поради поврзаноста со нашата етнологија, го прави исклучително значајна личност и за нас.

Поречани

-Неговата посета на Порече во периодот 1932 – 1933 година, ни претставува етнографски извор на културно наследство од посебно значење. Во период од осум месеци научно истражување, живеејќи во село Волче (општина Македонски Брод во областа Порече) во куќата на Кире и Коле Крајчевски и нивната мајка Стефкојца, ги проучувал и ги документирал секојдневниот, обредниот и религиозниот живот, митологијата, фолклорот, народната медицина, магиските ритуали, воедно обичаите и културата на македонскиот народ, нагласи директорката.

Топлиот прием на поречаните овозможил взаемно почитување и пријателство, преку кое е собрана колекција од непроценливо богатство, обемна и уникатна, која се состои од фотодокументација, скици и емпириски материјали.

- Ова значајно културно наследство не само нему, туку и на подоцнежните македонски етнолози, им претставува база за надградба и анализа на различни аспекти од функционирањето на секојдневниот традиционален живот на населението од поречкиот предел, големите патријархални фамилии и воопшто, македонски заедници, додаде Ѓорѓиева.

Изложбата претставува само еден сегмент од творечкиот опус на Обрембски, кој ги истражувал обичаите и културата на македонскиот народ.

- Сето тоа е пренесено до нас од страна на проф. Ана Енгелкинг од Полската академија на науките, која всушност е автор на оваа изложба. Разноликоста на материјалите од Порече му овозможиле на авторот, а воедно и на сите нас, да ги согледаме сите аспекти на живеење на традиционалните заедници, не само во нивната материјална, туку и во нивната наизглед скриена, духовна форма. Почнувајќи од магијата и религијата, брачен систем на поречаните и митското функционирање во македонското општество, појасни директорката.

Со своето истражување во едно изолирано подрачје во Македонија, рече, Јозеф Обрембски ја постигнал својата научна цел, оставајќи податоци за поречаните. Тие податоци изобилуваат со карактеристики својствени за традиционалните затворени семејни и селски заедници, кои, иако во триесеттите години на дваесеттиот век биле сеуште цврсти, денес се веќе во одмината фаза на трансформација и изумирање.

- Пристапот на Јозеф Обрембски и начинот на неговата интерпретација, во рамките на поречките заедници е бескрајно софистициран, научно-истражуван, одмерен, но пред се пријателски и човечки, што му дава за право да си обезбеди трајно место , како во срцата на поречаните, така и во македонската, полската и воопшто светската антропологија и етнологија, нагласи Ѓорѓиева.

Пред изложбата, вршителката на должност амбасадор се сретна со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Двајцата изразија задоволство поради соработката. Информираа дека разговарале на повеќе теми, особено за културата и туризмот.

За музичкиот дел од вечерта беа задолжени ученици од основното музичко училиште “Лазо Мицев-Рале”, под менторство на професорката Силвана Чулева-Атанасова.