Македонија
9. April 2016 - 19:01

Поразителни резултати за македонските возачи

Свеста на македонските граѓани за одговорно учество во сообраќајот е на многу ниско ниво, покажуваат податоците од последните истражувања на РСБСП. Дури 86% од возачите ја пречекоруваат дозволената брзина, високи 85% кажале дека некогаш возеле под дејство на алкохол, а 63% изјавиле дека имаат користено мобилен телефон при управување со моторното возило.

Резултатот од ваквиот однос е 35 жртви во сообраќајни несреќи само во првите три месеци од оваа година, а најголем број од нив се млади од 20 до 29 години. За истиот период минатата година бројот на загинатите во сообраќајни несреќи изнесувал 23, а во 2014 имало 24 жртви.

Ваквите податоци го алармираа републичкиот совет да почне со спроведување на две  нови кампањи  „На патиштата им се потребни одговорни возачи“ и „Животот не дава втора шанса, вози одговорно“, кои поради важноста ќе бидат реализирани во следните шест месеци.

Во склоп на кампањата ќе се реализираат и низа едукативни настани, предавања и теренски акции кои ќе треба да ја доближат темата до сите учесници во сообраќајот, а свој придонес ќе дадат и дел од јавните личности.

Последните две години во нашата земја се случиле околу 7500 сообраќајки со повредени лица. Во 2014 година имало 130 загинати лица во сообраќајки, а во 2015 тој број изнесувал 148. Статистиката покажува дека најранлива категорија на учесниви во сообраќајот се пешаците.