Македонија
25. November 2019 - 16:38

Поранешните штитеници на ,,Ранка Милановиќ‘‘ вратени во Визбегово

Трите деца се вратени во малиот групен дом откако викендот поради протестот на жителите во Визбегово беа префрлени на друга локација, изјави министерката за труд и социјала. Штитениците на државата на 12,13 и 14 години со воспитно социјални проблеми денеска продолжиле со редовните школски активности во куќата во која престојуваат веќе месец и половина.

-Не се смета дека во моментот има закана по нивниот живот, Сепак, не сакавме да ги слушаат зборовите на населението зашто не бевме сигурни што сé ќе биде кажано. Тие деца доволно долго во животот биле изложени на одредени негативни појави и однесувања од нивните семејства и заедниците, затоа сакавме да ги заштитиме, изјави Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Царовска се надева дека исто како и во Тимјаник преку дијалог со жителите на Визбегово ќе најдат заеднички решенија и ќе се надмине ситуацијата. На забелешките на соседите дека воспитувачите не водат доволна грижа за малолетните деца зошто шетале во доцните вечерни часови низ населбата и барале цигари и пари министерката одговари дека малите групни домови не се затвор туку се од отворен тип.

- Овие деца се соочувале со социјални ризици со кои поголем дел од нас не се соочиле никогаш во животот. Службите не само што се присутни, туку се таму 24 часа. Тоа е проверено од сите инспекциски служби во Министерството. Но, поддршката од заедницата е најважна во овој момент. Во Скопје вакви домови има многу, не е само овој во Визбегово. Може да се случи некое дете да ја напушти куќата во одреден момент, но важно е за колку време ќе се врати, каде било, што ќе се преземе и тоа се прави, рече Царовска.

Жителите на Визбегово вчера најавија дека ќе протестираат и пред труд и социјала и пред канцеларијата на Уницеф се додека не биде дислоциран домот и не се најде соодветно решение за трите малолетни деца.