Свет
8. May 2016 - 12:08

Поранешниот претседател на Салвадор Маурисио Фунес обвинет за корупција

Судот во Сан Салвадор прифати да ја разгледа граѓанската тужба против поранешниот претседател Маурисио Фунес, неговата сопруга и еден од синовете, обвинети за незаконсјо богатење, пренесе ДПА.

Прес центарот на судот во главниот град Сан Салвадор синоќа соопшти дека неколку владини институции треба да дадат информации поврзани со сопственоста, финансиите и фирмите на семејството.

Според обвинителството, станува збор за околу 728.000 долари необјаснети трансакции и трошоци .

Поранешниот претседател Фунес на располагање има 20 дена за да ги достави доказите на одбраната од овие тврдења.

Гражанската тужба против семејство Фунес почна од истрагата на антикорупциската комисија на Врховниот суд на Салвадор, забележа ДПА.

Извори од судот информираат дека за случајот се води и кривична истрага.

Фунес беше претседател на Салвадор во периодот 2009-2014 година.

И Елиас Антонио Сака, претседателот на Салвадор во периодот 2004-2009 година, исто така, е обвинет за незаконско богатење за време на својот мандат. Во јануари поранешниот претседател Франсиско Флорес почина, додека се наоѓаше во домашен притвор заради обвиненија за корупција за време на својот мандат од 1999 до 2004 година.