Македонија
19. September 2015 - 19:27

Поранешниот потпретседател на СДСМ со позитивни оценки за екстерното тестирање

Посакуваните ефекти од екстерното тестирање се делумно остварени, пишува поранешниот потпретседател на СДСМ Зоран Јовановски во колумна објавена во месечниот магазин „Економија и бизнис“. Јовановски дава поддршка и предлози за  унапредување на екстерното.

Тој смета дека треба да се реши прашањето со учебниците и предлага за секој наставен предмет за кој се врши екстерно тестирање да има по еден, а не повеќе учебници. Со тоа, смета тој,  ќе се избегне ситуацијата одговорот за некое прашање од екстерното тестирање да го има во еден, но не и во другиот учебник за истиот предмет.

- Притоа, останува на надлежните власти да го определат оперативното решение дали од тој учебник ќе се дојде со избор од повеќе учебници пријавени на тендер или властите ќе ги поканат најдобрите наставни, согласно претходно утврдени критериуми, и ќе им овозможат да подготват нов учебник. Јас сум за вториот пристап, при што власите ќе ги задржат авторските права и ќе биде лесно да се прават измени и дополнувања на учебникот. Се разбира, суштински важно е содржината на учебникот да соодветствува со најдобрите светски искуства, да биде концептуално насочена,а не збор на огромен број информации, понекогаш и не многу добро поврзани, вели Јовановски.

Второ, тој смета дека треба да се измени динамиката на тестирањето. Да  не биде еден тест на крајот од учебната година туку тестирањето да биде 4 пати годишно на крајот на секое тромесечие.

-Оперативно нема проблем да се реализира оваа динамика,бидејќи компјутерите се веќе обезбедени. Ова ќе бара дополнителен напор од надлежните лица. Но, на учениците ќе им олесни без притоа процесот да изгуби на квалитет. Ќе го нема веќе стресот дека се полага на цел материјал од целата учебна година. Важно е дека многу побрзо ќе може да се утврдат несовпаѓањата на оценките дадени од наставниците за тоа тримесечие и оние добиени на екстерното тестирање. Всушност, екстерното тестирање ќе стане систем за рано предупредување што навреме ќе укажува на слабостите кај одреден наставник/ученик и ќе може да се преземат корективни активности уште во текот на истата учебна година. Учениците ќе можат да бидат тестирани за повеќе предмети во текот на учебната година, па нема да важи веќе сегашната поплака дека некому му се паднале лесни, а некому тешки предмети, пишува Јовановски.

Трето, тој  заклучува дека треба да се измени приодот во тестирањето што според него е суштински најважниот чекор. Да нема однапред листа на можнио прашања и ученикот наместо да се фокусира да ги бара одговорите ќе се потруди да го разбере тоа што го учи. Ова според Јовановски би било квалитативно поместување напред во образовниот процес

Тој нагласува дека било потешко да се воведе екстерното тестирање и да се обезбедат технички услови за негово реализирање, отколку содветно да се корегира.