Свет
2. July 2017 - 9:39

Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт предвреме ослободен од затвор

Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт утринава предвреме е ослободен од затвор, откако судските власти одлучија да му ја намалат казната за една третина, јавија израелските медиуми.

Олмерт (71) го напушти затворот Маасијаху, во околината на Тел Авив, каде мина 16 месеци. Тој во 2008 година беше принуден да поднесе оставка на функцијата премиер по обвинението за земање поткуп и попречување на правосудството во врска со договори за изградба на луксузен станбен комплекс во времето кога бил градоначалник на Ерусалим и министер за трговија и индустрија.

Олмерт на 20 јуни беше сместен во затворската болница заради проблеми со срцето. На социјалните мрежи се појавија негови снимки, на кои изгледа болен и силно ослабен.

И покрај денешното ослободување од затвор, неговите проблеми со судскиот систем не се завршени, забележа ДПА. Тој е исправен пред нови обвиненија - за обид од затвор да изнесе тајна информација, откако на неговиот адвокат му помогнал да изнесе ракопис со неговите мемоари, без цензорите тоа да го проверат.