Свет
13. November 2015 - 10:04

Поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит ќе биде погребан на 23 ноември

Поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит, кој почина во вторникот, на 96-годишна возраст, на 23 ноември ќе биде погребан со државни почести во неговиот роден град Хамбург, соопшти Министерството за внатрешни работи, цитирано од француските медиуми.

Поранешниот социјалдемократски лидер, кој беше канцелар од 1974 до 1982 година, до последните неколку месеци беше активен учесник во политичката дебата, коментирајќи ја грчката криза или конфликтот во Украина.

Шмит почина во својот дом, откако во август и септември лежеше во болница.

По повод неговиот 95-ти роденден. во декември 2013 година, во анкета на списанието „Штерн“ Хелмут Шмит беше оценет како најзначајниот германски канцелар во периодот по Втората светска војна, добивајќи 25 проценти од гласовите, пред Конрад Аденауер (23 проценти), Вили Брант (18 проценти) и Хелмут Кол (17 проценти).

Хелмут Шмит и тогашниот француски претседател Валери Жискар д'Естен го заживеаја француско-германското пријателство и проектот за европска интеграција. Нивната работа, по нафтениот шок, доведе до европскиот монетарен систем.

Германската канцеларка Ангела Меркел во вторникот го нарече Хелмут Шмит „политичка институција“ на Германија, истакнувајќи ја неговата „лична смиреност и неговиот природен авторитет“, а францускиот претседател Франсоа Оланд го оцени како „голем Европеец“.