Македонија
10. September 2020 - 16:49

Поранешни пратеници сведочеа за настаните од 27 април

Се почитуваше деловникот за одржување на конститутивната седница, а партијата не беше организатор на протестите „За заедничка Македонија“ – вака денеска пред судот по барање на обвинетиот Вељановски сведочеа седумтемина поранешни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Тврдеа дека не знаеле оти во собранието ќе се случи насилство.

„Не сме знаеле дека нешто се подготвувало, и ние бевме шокирани, се чуствувавме како глинени гулаби. Тој ден со Спиро Ристовски и Миле Јанакиески немав никаква комуникација“, изјави во судницата поранешниот пратеник Илија Димовски.

Адвокатите сметаат дека по изјавите на поранешните пратеници, повеќе нема основа да опстои обвинението кое Вељановски, Ристовски, Јанакиески и Атанасовски ги товари дека тие го нарачале „27 април“.

Обвинителството смета дека одбраната се обидува да докаже нешто кое не се докажува.

Судењето за собраниските настани од 27 април ќе продолжи наредната недела – ќе сведочи собранискиот спикер Талат Џафери.