Македонија
25. August 2017 - 15:46

Поранешни и сегашни судии и адвокати апeлираат судиите да работат професионално и според законот

Сто осумдесет и седум правни експерти, поранешни и сегашни судии, адвокати и правници здружени во „Зелена лупа“ упати отворено писмо до претставниците на основните, апелациските и Врховниот суд апелирајќи да бидат вистински коректив и да работат професионално и согласно законите и Уставот. 

Оттаму истакнуваат дека писмото не смее да се сфати како некаков притисок, туку како апел за човештина, правда, професионализам и спротиставување на криминалот. Притоа се оценува дека полека, но сигурно се создава сигурен и некорумпиран терен за законито судско работење, а најголем доказ за тоа, според нив, се неодамнешните осуди на двајца градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

- Ова е само еден мал чекор, кон трнливиот пат наречен реформи во судскиот систем, на кој што како нaсушна потреба ни укажуваат сите релевантни како домашни, така и странски институции и претставници. Пресудите кои што се изречени, а и кривичните постапки кои што сеуште се во тек, се за кривични дела кои што се директно поврзани со работата на обвинетите во својство на градоначалници, што е запрепастувачки податок и тежината на истите ја прави уште поголема, се наведува во писмото.

Во писмото се посочува дека градоначалник на Кавадарци, Александар Панов, е осуден на два месеци затвор за поткуп при избори и гласање, прилепскиот градоначалник Марјан Ристески на условна казна затвор во траење од три месеци, но и парична казна од 600 евра за несовесно работење во службата, а против градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево Костадин Личков во тек е судска постапка бидејќи злоупотребувајќи ја службената положба и овластување извршил избор на лице-партиски кадар за директор на училиште кое не ги исполнувало минимум законските предуслови за директор. Кривична пријава како што посочуваат, е поднесена и против градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, а според неофицијални извори се води и истражна постапка против градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

- Ова е само еден дел од криминалите на градоначалниците за кои што по смената на власта, судот ослободувајки се од стегите на корупцијата и контролата, се одважи да изрече осудителни пресуди, во тек се судски и истражни постапки, со надеж дека истите ке бидат спроведени на законит начин, велат од „Зелена лупа“.