Свет
21. December 2015 - 8:27

Поранешен британски министер му сугерира на Камерон да не преговара со ЕУ

Поранешниот британски министер за одбрана Лијам Фокс го повика премиерот Дејвид Камерон да се откаже од преговарањето со ЕУ за идниот статус на Британија во Унијата и веднаш да закаже  референдум за напуштање на ЕУ.

Во разговор за „Сандеј Тајмс“ Фокс го критикува премиерот што „моли низ европските престолнини“ за да добие, како што вели, минимални отстапки.

Тој вели дека на референдумот ќе гласа за заминувањето на Британија од ЕУ и побара министрите да може да водат кампања за напуштање на Унијата, без страв и ризик дека ќе мора да поднесат оставки.

Изјавата на Фокс доаѓа по откритијата во лондонските весници дека неколкумина актуелни министри најавиле оти ќе поднесат оставка за да може да водат кампања за напуштање на ЕУ.

Поранешниот министер е против одлуката на Брисел за создавање погранични сили на ЕУ, затоа што тие ќе примаат наредби од Европската комисија, а не од владите на земјите членки.

Камерон во петокот изјави дека во следната година Велика Британија ќе обезбеди „фундаментални промени“ во нејзните односи со Унијата и со Брисел. Изјавата за британските медиуми беше дадена по неговите разговори со европските лидери на последниот овогодишен Самит на ЕУ.

Евроскептиците во неговата партија, меѓутоа, го обвинуваат Камерон дека барањата до Брисел, вклучувајќи и блокирањето на правото за социјални бенифиции за мигрантите од земјите на ЕУ, се „тривијални“ затоа што не гарантираат дека ќе се запре напливот луѓе од Унијата во Британија.

Лијам Фокс беше министер во претходната коалициона влада на Камерон, но беше принуден да даде оставка, откако се разбра за неговите екстра патни трошоци.