Свет
30. јуни 2020 - 10:05

Поранешен американски полицаец призна 13 убиства и серија силувања

Поранешниот американски полицаец, серискиот криминалец познат како „Голден Стејт килер“, призна 13 убиства, како и серија силувања и упади во домови во Калифорнија во 1970-тите и 1980-тите, јавуваат американските медиуми.

Џозеф Де Анџело (74) се изјасни за виновен според договорот со обвинителите кој го штити од смртна казна, во замена за признавање на сите злосторства што ги сторил во 11 окрузи на Калифорнија.

Според договорот, ДеАнџело се соочува со доживотен затвор без можност за условно ослободување.

Обвинителите соопштија дека со спогодбата сакале да се осигураат дека многу преживеани, како и семејствата на жртвите, сведоците и истражителите, гледаат решение за случајот.

Покрај 13 убиства и киднапирања, обвинителите рекоа дека Де Анџело извршил речиси 50 силувања и повеќе од 120 кражби.

Злосторничките дела ги извршувал од 1975 до 1986 година, како полицаец во два града во Калифорнија.

Тој беше уапсен во 2018 година.