Македонија
7. December 2022 - 8:03

Пораки за обединување на Самитот ЕУ – Западен Балкан, иднината на земјите од регионот е во ЕУ

– Иднината на Западен Балкан и на сите земји од регионот е во Европската Унија е пораката што беше пратена на вчерашниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Тирана. На Самитот е потврдена целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, високиот претставник Жозеп Борел, комесарот Оливер Вархеји, како и од шефови на држави и влади на државите-членки на ЕУ и на Западен Балкан.

Тие повикаа на забрзување на пристапниот процес заснован на веродостојни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на сопствени заслуги.

– Организацијата на Самитот за првпат во регионот е јасен знак за силната посветеност на ЕУ кон Западен Балкан и нивниот пат кон ЕУ, соопштија од Европската комисија. Комисијата забележува дека „Руската агресивна војна против Украина го загрозува европскиот и глобалниот мир и безбедност и ја нагласува важноста на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека овој самит „дава јасна порака за нашиот ангажман, нашето единство и нашето силно партнерство“.

– ЕУ е повеќе од кога било посветена на заедничка иднина, со нашите партнери од Западен Балкан во рамките на ЕУ. И ние ја користиме секоја можност да ги зближиме нашите региони и нашите луѓе. Од заедничко решавање на енергетската криза до отворање повеќе можности за граѓаните и бизнисите, вклучително и намалување на трошоците за роаминг. Ова е големо достигнување, нагласи таа.

Фон дер Лајен по Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана нагласи дека пораката од денешниот самит е порака за обединување и дека „целиот регион на Западен Балкан и припаѓа на ЕУ“.

Претседателот на Советот на ЕУ Мишел, пак, верува дека „нашите деца ќе имаат побезбедна и попросперитетна иднина со Западен Балкан во ЕУ“.

– Тоа заедничко верување не собра овде за да работиме на заеднички проекти, рече Мишел.

Според германскиот канцелар Олаф Шолц се забележува ново, попозитивно расположение меѓу членките на Европската унија за можноста земјите од Западен Балкан да се приклучат на блокот во споредба со пред неколку години, пред руската инвазија врз Украина.

–  Сосема сум сигурен дека се појави ново инклузивно движење и оти скептицизмот што го создадоа пред неколку години неколку земји-членки сега мутираше во подготвеност ова активно да се турка напред, рече Шолц по Самитот.

Ставот на Ковачевски од Самитот е дека ЕУ покажа дека е посветена на проширувањето, но и истакна дека во овој тежок гео-политички момент за Европа ова е многу јасен сигнал дека иднината на Западен Балкан и на сите земји од регионот е во ЕУ.

Според Ковачевски, одржувањето на ваков Самит во соседна Албанија само ја потврдува посветеноста на ЕУ кон проширувањето.

Тој пред учесниците на Самитот порача дека Северна Македонија продолжува посветено да работи на скрининг процесот и оти очекува наскоро да ги направи уставните измени со кои, како што вели, уште еднаш ќе покаже највисок степен на демократија и почитување на основните човекови права.

Ковачевски на панел дискусијата посветена на европските перспективи на регионот, истакна дека мирот и стабилноста на Балканот се предуслов за мир и стабилност на цела Европа и порача дека сите заеднички цел регион треба да се залага да се постигне оваа цел.

– Република Северна Македонија и Република Албанија ги започнаа преговорите со ЕУ за полноправно членство на ЕУ и продолжуваат посветено да работат на скрининг процесот со сите свои капацитети. Исто така Република Северна Македонија очекува наскоро да ги направи уставните измени со кои уште еднаш ќе покаже највисок степен на демократија и почитување на основните човекови права, рече Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана имал и куса средба со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц на која разговарале за актуелните процеси во Република Северна Македонија, посебно во делот на започнатиот скрининг процес, како и за предизвиците со кои се соочуваме и, како што вели, успешно ги надминуваме.

Инаку, претседателката на Косово Вјоса Османи на Самитот објави дека Косово ќе поднесе барање за членство во ЕУ до крајот на годинава.

Ова е првиот Самит на ЕУ што се организира во регионот на Западен Балкан, кај соседна Албанија, што уште повеќе ја зголемува неговата важност и значење. ЕУ, како што потенцираа вчера од Владата, покажа силно партнерството кон земјите од овој регион, со што уште еднаш потврди дека во нас гледа партнер од доверба.

-Уште една силна потврда за нашата европска иднина е хајлатот на овој Самит – потпишувањето на договорот за намалување на цените во роамингот, за разговорите во роаминг помеѓу корисниците од Западен Балкан и земјите од ЕУ. Со овој договор ќе сме поповрзани со земјите од ЕУ и ќе можеме полесно и побрзо да одиме по европскиот пат. Европската Унија сака да сме поврзани, а од целото тоа имаме и практична и економска придобивка и за граѓаните и за бизнисот, истакнуваат од Владата.

На Самитот за Западен Балкан – Европска Унија телекомуникациските оператори од земјите од ЕУ и ЗБ  потпишаа Договор со кој ќе се овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот од следната година. Со Договорот се отвора патот за почеток на процесот за укинување на тарифата за роаминг меѓу земјите од Европската Унија и Западен Балкан.

Потпишувањето на Декларацијата за роаминг ќе гарантира значително намалување на трошоците за роаминг од 1 октомври 2023 година. Тарифите блиски до националните нивоа на цени се планира да се постигнат до 2027 година. Операционализацијата на Декларацијата треба да овозможи намалување на оперативните трошоци на бизнисмените, да го поттикне бизнисот надвор од матичните граници и да даде дополнителен поттик на туризмот во регионот на Западен Балкан.

Самитот беше можност да се разгледа напредокот во спроведувањето на економскиот и инвестицискиот план од речиси 30 милијарди евра, што се фокусира на водечки проекти во зелената и дигиталната транзиција, одржливиот транспорт, чистата енергија, поддршката на приватниот сектор и развојот на човечкиот капитал за да се помогне да се премости социо-економскиот јаз меѓу Западен Балкан и ЕУ.

ЕУ досега го потврди финансирањето на 40 проекти во областа на транспортот, поврзувањето, енергетската транзиција, зелената агенда, дигиталната транзиција и развојот на човечкиот капитал, со 1,8 милијарди евра поддршка од ЕУ и вкупна инвестициска вредност од 5,7 милијарди евра.

Комисијата прецизира дека тука спаѓаат 12 инвестициски проекти донесени на 5 декември, од кои шест проекти се во енергетскиот сектор благодарение на пакетот енергетска поддршка од една милијарда евра, кој се состои од 500 милиони евра за итна поддршка на сите партнери од западниот Балканот да го ублажи поскапувањето на енергијата за претпријатијата и ранливите домаќинства, што е одобрено и ќе биде подготвено за исплата на почетокот на 2023 година; и 500 милиони евра краткорочна и среднорочна поддршка преку Инвестициската рамка за Западен Балкан за подобрување на енергетската транзиција и енергетската безбедност.

Комисијата наведува дека пакетот опфаќа додавање на Регионалната програма за енергетска ефикасност за енергетско ефикасно реновирање на приватни и јавни згради, шест нови инвестициски грантови за обновливи извори на енергија, три шеми за грантови за енергетска транзиција на приватниот сектор и низа гаранции за поддршка на обновливите извори на енергија и дека се очекува во соработка со меѓународни финансиски институции да мобилизира до 2,5 милијарди евра вкупни инвестиции.

Самитот беше и можност да се разговара и да се продлабочи соработката на ЕУ со регионот во областите на управување со миграцијата, кибер безбедноста, образованието и младите.

Комисијата неодамна одобри 70 милиони евра за подобрување на способностите за управување со границите и зајакнување на борбата против криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан.

ЕУ, исто така, ја засилува својата помош и соработка со Западен Балкан за зајакнување на кибер отпорноста по серијата големи такви напади во регионот, вклучително и нова програма од 5 милиони евра за целиот регион што треба да се спроведе на почетокот на 2023 година. Универзитетите од Западен Балкан ќе бидат вклучени и во иницијативата Европски универзитети во рамките на програмата Еразмус+ на еднаква основа со земјите-членки на ЕУ, со цел да се создадат дополнителни можности за младите.