Македонија
10. December 2019 - 13:15

Порака на Народниот правобранител по повод 10 Декември – Денот на човековите права

„Да се радуваме додека сме млади“

Вака почнува познатата химна на Универзитетите.Универзалноста и значењето на оваа порака ја има истата компонента како и универзалноста  и значењето на овој ден- 10 декември кога во целиот свет се слават човековите слободи и права, годинава во знакот на максимата  „Млади застанете за човековите права“.

Има ли подобро нешто од повикувањето, поттикнувањето на младите без разлика на која раса и припаѓаат, во која религија веруваат,  на која етничка заедница и припаѓаат, да застанат и да се борат за своите права.Борејќи се за своите тие всушност се борат за правата на сите, посебно за оние кои поради разни причини (војни, неписменост) не се во можност за тоа да дејствуваат.

Има ли подобро нешто од повикувањето, поттикнувањето младите да застанат во борбата против климатските промени, булингот, говорот на омраза, расизмот дискриминацијата.

Ова се едни од главните проблеми за кои младите треба да го дигнат својот глас и да кажат што мислат, од причина што  нив најмногу ги засегаат.

Покачувањето на температурата на воздухот, или таканаечениот ефект на „стаклената градина“ директно влијае врз нивната иднина.Тие треба гласно да викнат „Доста е со сите активности кои ни ја загрозуваат иднината, и ни ги правата условите за живот се посурови“.

На нив е да кажат дека не сакаат насилство помеѓу младите како метод на решавање на проблемите, туку дијалог за разбирање.

На нив е да им кажат на возрасните „Доста е со говорот на омраза“ чии последици се насилствата по училиштата и студенските кампови .

На нив е да кажат дека сакаат да живеат во свет во кој бојата на кожата, полот, верувањето нема да им биде важно за да можат заедно да се дружат, учат, забавуваат.

Младите се знак на промените во светот.Така било, така и ќе биде.Тие се двигатели на се што е ново, прогресивно и затоа мора да бидат вклучени во сите општествени текови, во донесувањето на одлуките кои се однесуваат на нив, на нивната иднина.

Затоа млади, јас како народен правобранител ве повикувам „Не молчете! Секогаш кога ќе сметате застанете во одбрана на човековите слободи и права. Направете го тоа силно, гласно,моќно. Нека се слушне вашиот глас/гласот на иднината“.