Македонија
25. July 2015 - 17:36

Поради жештините ново работно време на општинарите во Кавадарци

Со одлука на градоначалникот Александар Панов, се врши времена промена на работното време на општинската администрација во Кавадарци. Причина за промената на работното време се високите температури и топлотниот бран. 

- Општина Кавадарци-локална самоуправа од понеделник 27 јули 2015 година ќе започнува со работа од 07:00 часот наутро, а работниот ден завршува во 15:00 часот полпадне, соопшти денеска Службата за информирање при локалната самоуправа.

Оттаму нагласија дека промената во почетокот на работното време на општинската администрација е предизвикана од високите температури и топлиот бран кои деновиве владеат во земјата и регионот.

- Градоначалникот ја донесе оваа одлука во интерес на здравјето на граѓаните, ефикасноста на работењето на оштинската администрација, а согласно препораките на медицинските лица и надлежните владини институции, соопштија од Службата за односи со јавноста.

Со нормализирањето на временските прилики и намалувањето на екстремните летни температури, во општинската администрација веднаш ќе се врати вообичаеното работно време.