Македонија
21. August 2020 - 16:45

Поради сомнителен случај локалната самоуправа во Делчево замина во изолација

Поради позитивен случај на вработен во локалната самоуправа, клуч на врата на општинската зграда на општина Делчево. Денес се регистрирани 4 нови случаи, со што бројот на активни во градот се искачи на 18. Граѓаните велат дека во изминатиот период многу малку се почитувале мерките, а секое опуштање значи и зголемен ризик од инфекција.

Делчево беше општина со најмал број регистрирани случаи на Ковид 19. Сепак последните денови, поради непочитување на мерките за заштита, посебно во угостителските објекти, бројот постепено започна да расте. Од вчера ситуацијата е променета, но мора да останат дисциплинирани.

Свеста на граѓаните е таа која што е најважна за спречување на целата оваа пандемија - изјави Горан Трајковски, градоначалник на Делчево.

Ангажирани се и 12 матични лекари од приватниот сектор. Здравствениот дом во Делчево е добро екипиран, а во случај на наплив на пациенти во можност се времено да ги хоспитализираат.

Поранешниот Центар за хемодиализа, кој се исели од нашиот Здравен дом, таму имаме внесено скромна опрема, но во случај да не може Штип да ги прими, имаме интернисти и можеме да организираме неколку дневен претстој на некои пациенти - изјави Прим. Марија Глигоровска, директор на здравствен дом - Делчево.

Позитивни се и двајца медицинари, еден доктор и една медицинска сестра, за која Глигоровска допрецизира дека не се заразила во домашни услови.