Свет
20. August 2019 - 17:13

Поради пожарите на Канарските Острови евакуирани 10 илјади лица

Повеќе од 1000 пожарникари и припадници на службата за вонредни ситуации сè уште се борат со големиот пожар на Канарските Острови, поради што се и евакуирани над 10 илјади лица.

Ситуацијата денеска е нешто подобра, со оглед на тоа дека температурата е пониска, а ветрот е послаб.

Во пожарот на островот Гран Канарија досега изгореја повеќе од 12 илјади хектари шума.

Претседателот на Канарските Острови Анхел Торес соопшти дека пожарот губи на силина и оти „срцето“ на островскиот главен природен резерват Тамабада останало незасегнато.

Синоќа властите рекоа дека пожарот е „надвор од контрола“ и оти брзо се шири кон јужниот дел на островот.