Бизнис
19. July 2021 - 16:46

Поради неплатен одмор Пошта остана без доставувачи на пратки, најaвени нови вработувања

Пратките и доставите доцнат, затоа што голем дел од вработените во Пошта користеле неплатено отсуство. Раководството ја детектирало оваа негативна појава, која согласно законот им дава право на вработените од 3 месеци неплатен одмор, но случаите во оваа компанија биле многу чести. Затоа сега ќе испитува – каде се овие луѓе.

-Проверуваме каде се тие луѓе и дали се во државата, но сепак законот им дозволува и затоа во овој момент трпи одреден дел од доставата, изјави Јани Макрадули, директор на Пошта.

Макрадули најави и нови вработувања во Пошта, затоа што 56 лица заминале во пензија, но колку точно кадри ќе се примат, без прецизен одговор. По поплаките од граѓаните дека не сите сметки можат да ги платат во Пошта, бидејќи се   примаат само уплатите за буџетски корисници и за дел од режиските трошоци, со кои поштата има склучено договор, првиот човек вели дека до крајот на месецот и образецот ПП 10 ќе почне да фунционира.

-Се преговара со Халк Банка, овие услуги наскоро, до крајот на месецот, како и нови, како пензија до дома, ќе бидат достапни, изјави Јани Макрадули, директор на Пошта.

По пропаѓањето на Еуростандард банка, Пошта крајот на минатата година склучи договор со Халк Банка. Најавија брзо враќање на сите услуги, но и воведување нови, за да си ги вратат клентите.