Свет
8. February 2020 - 21:11

Поради коронавирусот, ОПЕК препорача дополнително намалување на производството на нафта

Заедничкиот технички комитет ОПЕК плус денеска препорача продолжување на договорот за намалено производство на нафта до крајот 2020 година и дополнително намалување на производството до крајот на второто овогодишно тромесечје, соопшти денеска алжирското Министерство за енергетика.

Заедничкиот технички комитет се состана во седиштето на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во Виена оваа недела за да разговара за влијанието на епидемијата на новиот коронавирус врз светскиот пазар на нафта. ОПЕК плус брои 13 членови на организацијата и десет други нафтени сили, вклучително и Русија. Во 2016 година, тие земји се согласија да го ограничат производството на нафта за да ги поддржат цените на суровата нафта.

– Епидемијата на коронавирусот има негативно влијание врз економската активност, особено во секторите транспорт, туризам и индустрија, најмногу во Кина, рече алжирскиот министер Мухамед Аркаб и додаде дека епидемијата има негативен ефект и врз побарувачката на нафта и на пазарот на нафта.