Македонија
9. August 2018 - 16:27

Поради кавга за семејниот имот остабал бездомник, државата тврди дека не е нејзин случај

Надвор, под ведро небо, во импровизиран кревет од душеци и ќебиња пред деловен објект во населбата Карпош живее 61-годишниот битолчанец Благоја Колевски. Последните три години живее тука, под отворено небо, на дожд, на снег, на високи, ниски температури. Иако живеел во стан во близина кој бил на неговиот татко, заради семејно имотно-правни проблеми тој останал на улица.

-Ова е затоа што немам каде да одам. Ме врне овде, ме врне таму, ми студи. Со овој дифтикот се покривам, вели БЛАГОЈА КОЛЕВСКИ.

Благоја има само 10 години работен стаж, па затоа не му следува државна пензија.Зема социјална помош, но вели дека не му е доволна. Луѓето пак од соседството, редовно му даваат храна.

-И тоа ми е срам. Не сакам, ми е понижување, но кога ќе видиш дека нема, ќе го земеш. Еден сабајле ми даде јаболка, еве, вели Благоја.

Вели дека барал помош кај сите институции, за да се реши неговиот статус. Иако изминатите години бил сместен на некои места, сепак завршил под отворено небо. Вели, секој заслужува право на пристоен живот.

-Се имам пријавено во општината, ништо. Од сизот немаме каде, од социјалното ваму, таму, никаде ништо. 

Од Центарот за социјални работи Битола велат дека се запознати со случајот на Благоја. Директорот Томе Цветковски вели дека од нивна страна е преземено се што е во нивна надлежност, згрижен е со парични средства, односно корисник е на постојана парична помош и корисник на туѓа нега. Од Јавното претпријатие за станбен и деловен простор му било понудено неколку пати сместување, а Цветковски вели дека и тие му понудиле во неколку институции да го згрижат, но вели дека Благоја ги одбил. Семејството пак не било во можност да го згрижи. Во текот на зимата од Центарот за социјална работа велат дека го згрижиле во центарот за бездомници. Цветковски потенцира дека овој случај не е државен проблем, туку приватен проблем.