Македонија
19. January 2020 - 14:20

Поради инцидент, светиот крст во Штип останува во црквата

Инцидент се случи на централната свеченост за празникот Водици на Камениот мост на реката Брегалница во Штип.
 
Верниците овој чин ќе го запаметат по тоа што двајца од педесеттемина скокачи останаа да лежат во реката Брегалница и да се борат за светиот крст. По неколку минутно натегање меѓу нив, крстот го зеде оној којшто не стигна прв до него. Но, и по укажувањето на митрополитот на Брегалничката епархија господин Иларион, тој не сакаше да го предаде крстот. Сепак разумот преовлада и светиот крст му беше предаден на Наумче Балевски, кој беше најбрз и му беа доделени пригодни подароци.
 
– Бидејќи настана еден немил настан, затоа предложивме се додека се смират луѓето оваа година крстот да остане во црквата, а догодина ако се средат работите, како и годините наназад, крстот повторно ќе биде низ градот. Бидејќи крстот ќе биде во црквата, сите верници кои сакаат ќе можат да дојдат и да се поклонат во црквата и да го целиваат крстот во соборната црква „Свети Никола“, изјави г. Иларион.
 
Тој на православните верници им го честиташе празникот.
 
– Бог се јави нека е честит и вечен празникот, како и сите години така и оваа година. Според преданието на црквата, светиот крст се спушти во реката Брегалница симболизирајќи ја реката Јордан и крштевањето господово. Од ова место од градот Штип посакуваме мир и благослов на сите луѓе, истакна г. Иларион.
 
Еден час порано светиот крст беше фрлен и во водите на реката Брегалница кај штипско Ново Село, каде прв до него стигна 29-годишниот Антонио Станков.
 
– Вторпат го фаќам крстот, првпат ми беше во 2018 година, рече Станков.
 
На фрлањето на светиот крст присутни беа и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски и секретарот на СДСМ, Љупчо Николовски.
 
– Пред се упатуваме честитки до поглаварот на МПЦ, до членовите на Светиот Архиерејски синод, до митрополитот Иларион, до целото свештенство и до сите верници коишто денеска го слават овој празник и не само денес, туку повикуваме секој ден да меѓусебно се почитуваме, да се помагаме, и да во ова лето господово 2020 навистина секој ден правиме добри дела, сите заедно, да го продолжиме вистинскиот пат на просперитетот на нашата земја и во оваа година на сите граѓани да им посакам многу здравје, среќа и радост во истото, истакна Николовски.
 
Двете момчиња кои го фатија светиот крст кај камениот мост и во Ново Село добија пригодни подароци од Брегалничката епархија и од општината