Македонија
16. April 2021 - 21:05

Поради градежни активности затрупан патот од Тетово до Бањаче

 Во раните попладневни часови целосно затрупан беше патот од Тетово кон месноста Бањиче. Целата коловозна лента покриена со карпи,камења и земја, а дел од свлечиштето се најде и во коритото на река Пена. Во текот на подоцнежните попладневни часови дел од патот е расчистен односно се отстранети дел од карпите, камењата и земјата.

Од Општина Тетово нема информација што точно денес се случило и како ќе се надмине проблемот. Пред два дена за МИА, откако помал дел од карпите, камењата и земјата на истото место се најдоа во коритото на реката Пена,  од Општина Тетово информираа дека поради процесот на уредување на планинско-ридестиот дел во вид на каскади се случило да паднат карпите и земјата.

-Камењата, карпите и земјата кои се најдоа во коритото се резултат на градежните работи за уредување на најкритичните точки од ридот долж патот и превенција од свлечишта. На крајот од изведувањето на работите речното корито ќе биде расчистено од камењата, карпите и земјата. Сите работи се под надзор на Секторот за комунални дејности, информираа тогаш од Општина Тетово.

Од почетокот на месецот започнаа градежни работи со цел превенција од можни ерозивни процеси од планинско-ридестиот предел покрај коловозната лента, пешачката патека и коритото на река Пена. Со специјална градежна механизација се копа на делот од планината каде се појавуваа одрони и се прават каскадни предели за да нема повторно свлечиште на земја. Според најавите на Општина Тетово по најкритичните точки се планира поголем проект за заштита на овој дел од Бањиче.