Македонија
17. March 2021 - 20:36

Поради двајца наставници позитивни на Ковид-19, во изолација отидоа 50 ученици во две основни училишта во Штип

Поради двајца наставници кои се позитивни на Ковид-19, во изолација отидоа 50 ученици од две основни училишта во Штип. Од истата причина, односно, заради позитивен корона тест на две воспитувачки, од вчера во изолација останаа и 28 деца од претшколска возраст кои се на претстој во градинката во штипската населба Автокоманда. Од Центарот за јавно здравје велат дека, дополнително ќе донесат решение дали на учениците ќе им бидат земени брисови. Некои од децата од градинка веќе се тестираа и сите имаат негативен наод. Кај возрасната популација, се бележи тренд на пораст на новозаболени лица.

-На дневна основа, бројот на оздравени беше поголем од оние на новозаболени. Сега веќе 7 дена се наоѓаме во обратна ситуација, бројот на новозаболени го надминува скоро 3 пати бројот на оздравени-изјави Сашко Николов, градоначалник на Штип.

Засега не се предвидува преземање на некои дополнителни мерки, од веќе постоечките на ниво на државата. Од вечера започна и монтажата на централниот довод на кислород во модуларната болница, а по завршување на инсталирањето ќе се стави во функција. Со тоа Клиничка болница ќе добие дополнителни 47 кревети за ковид пациенти, односно вкупно 120 легла.