Македонија
30. May 2016 - 17:31

Поради дефект на „лирџетот“ Иванов во Софија со комерцијален лет (ДПЛ)

Владиниот авион „лирџет“ со кој претседателот Ѓорге Иванов отпатува во Сараево на лидерскиот состанок на „Брдо-Бриони процесот“ поради технички проблеми констатирани при редовната контрола ќе остане во БиХ, а претседателот со комерцијален лет ќе замине на веќе планираната посета за Софија.

- Денеска требаше да се обави лет од Сараево за Скопје во 10 часот. Летот не е обавен поради тоа што при редовна функционална проверка на системите на авионот, увиден е дефект на еден од инверторите кој ја претвора струјата од 24 во 115 волти, изјави за МИА директорот на владината Служба за општи и заеднички работи Васе Доневски, во чија надлежност е одржувањето на авионот.

Доневски вели дека е стапено е во контакт со овластениот сервис во Нирнберг со цел авионот утре да се упати таму за да се острани дефектот, со претходно одобрение на фирмата производител „Бомбардие“ од каде е набавен и на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба на РМ. 

Од кабинетот на претседателот Иванов велат дека поради неговата агенда, односно претстојната посета на Софија, тој од Сараево патува со комерцијален лет.