Свет
22. December 2016 - 18:10

Поради бомба од Втората светска војна Аузбург на Божик ќе евакуира 54.000 лица

Локалните власти на германскиот град Аузбург соопштија дека в недела, на католички Божик, ќе евакуираат околу 54.000 локални жители, поради откриена бомба од Втората светска војна, што итно ќе мора да биде демонтирана.

Воени експерти веруваат дека за демонтирање на бомбата ќе биде потребен цел еден ден.

Бомбата тешка 3,8 тони била откриена случајно, за време на извршување градежни работи.

Во текот на последната светска војна бомбата била фрлена од авион „Ланкастер“ на британското Кралско воено воздухопловство (РАФ) при една бомбашка мисија над Германија.

Според локалните весници во Бавараија, ова ќе биде најголемата пост-воена евакуација во Германија. Во 2011 година имаше слична ваква операција во градот Кобленц, но тогаш беа евакуирани 45.000 луѓе.

Градските власти на Аузбург сметаат дека Божик е „идеален ден“ за демонтирање на бомбата, затоа што поради празникот градот ќе биде празен, а улиците без возила и густ сообраќај.

- Празникот ќе им олесни работата на воените експерти, сематат во градската управа.

Операцијата опфака простор на кој живеат 32.000 домаќинства кои се во радиус од 1,5 километри од местото каде што е најдена бомбата.

Училиштата во градот, спортските сали и изложбените центри ќе бидат искористени како засолниште за евакуираните жители.

Аузбург е одалечен околу 80 километри од Минхен и тој уште од време на Вторатата светска војна беше голем индустриски центар, поради што беше постојано изложен на бомбардирања на сојузничкте сили.