Македонија
18. May 2016 - 16:25

Попоски: Зошто треба ние да ги присилуваме СДСМ на нешто што сами го бараа?

Несфатливо е однесувањето на опозицијата во однос на нивното барање предвремени избори, смета Министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за австриски Стандард.

,,Социјалдемократите побараа одложување на изборите. Парадоксално сега владата сака избори. Анкетите не се многу поволни за опозицијата. Сакаат избори, но само тогаш кога ќе чувствуваат дека ја имаат поддршката на мнозинството од гласачите. Но, зошто треба ние да ги присилуваме СДСМ на нешто што сами го бараа?‘‘, изјави Попоски.

Во однос на спорот за името Попоски смета дека Грција не е во најдобра состојба да се фокусира на негово решавање. Унијата за разлика од другите билатерални спорови не инсистира спорот да се реши во текот на преговорите за членство, а нивниот почеток би бил позитивен стимул и за Македонија и за Грција.

,,Но, сега сме оставени надвор и нема надеж. Ако во ситуацијата се повикаме на тоа да се најде прифатливо решение за сите страни, тогаш тоа е како да затворите два волка и едно јагне во иста просторија и да им речете: се обидуваме да ви најдеме замено прифатлив предлог за вечера‘‘, изјави Попоски.

          Шефот на македонската дипломатија предупредува на опасноста од постојаниот притисок од мигрантите од грчката страна на границата, чиј број изнесува околу 25 илјади. Соработката со Атина постојано се подобрува, но неопходно е дислоцирање на дивите кампови, со што ќе се обесхрабрат и шверцерите на луѓе и разните невладини организации кои ги мотивираат мигрантите нелегално да ја преминат границата.

Попоски додава дека со затворањето на границата Македонија не добила ништо на политички план, а финансиската помош е минимална, но земјава е навикната на тоа.

,,За нас изборот беше едноставен: Или ќе им помогнеме на земјите од ЕУ да го спроведат тоа или само да гледаме и да ставиме два големи плаката: Минхен – 1500 километри! Стокхолм – 2100 километри! И така натаму! Но, ако некој сака да биде доследен партнер и сака да биде земја-членка на ЕУ, тогаш би требало да бидеме дел од решението‘‘, вели Попоски за Стандард.