Македонија
7. March 2017 - 15:53

Попоски на средби со пратеници на Европскиот парламент во Брисел

Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска оствари голем број на средби со пратеници на Европскиот парламент во рамки на неговата дводневна посета на Брисел. Како што јавува дописникот на МИА од европската престолнина, Попоски денеска во Европарламентот се сретна со првиот човек на Комитетот за надворешни рбаоти на ЕП, Дејвид Мекалистер, со европратениците Тонино Пицула, Елмар Брок, Маријана Петир, како и со претседателот на Европската народна партија (ЕПП), Жозеф Дол, при што тема на дискусија беа македонските евроинтеграција и политичката криза во земјата.

 
- Разговорите беа пред се со земјите членки и со пратениците во Европскиот парламент во услови во кои министрите за надворешни работи дискутираат околу европската агенда на Западен Балкан од една страна. Од друга страна, во Европскиот парламент се усвојува Резолуција за Македонија. Во двата случаи е очигледна загриженоста, но решението лежи во поголема присутност на Македонија и на регионот од апсект на европски интеграции. Впрочем, во оваа ситуација на повеќе кризни состојби низ балканскиот регион, најважно е пвоторно да се врати европската агенда, информира министерот Попоски по средбите.
 
Вицепремиерот во македонската Влада вели дека изминатиот период Европската унија била премногу фокусирана самата на себе и недоволно посветила внимание на потребата за јасна порака кон земјите од регионот и посебно кон Македонија.
 
- Покрај тоа што е задоцнет европскиот процес на интеграција, сепак е важна дека истиот ќе се одвива. Оваа порака е најзначајна и за нашите граѓани, бидејќи на крајот на денот, не можеме да очекуваме други да ги решаваат нашите предизвици. Ние треба сами и со сопствени ресурси да ги изнаоѓаме решенијата, но во отсуство на јасна европска перспектива, проблемите може само да растат, не може да се намалат,  додава Попоски.