Македонија
24. јуни 2016 - 16:30

Попоски: Македонија загуби силен поддржувач на евроинтегративниот пат

Излезот на Британија од ЕУ за Македонија ќе значи загуба на еден поддржувач во процесот на проширување. Министерот за надворешни работи, Никола Попоски сме дека резултатите од референдумот треба да се почитуваат, какви да се бидејќи тие се одлука на Британските граѓани.

- Секако, за Европската Унија такво сценарио значи загуба на значајна земја членка. За Балканот и за Македонија пак, значи загуба на еден поддржувач на процесот на проширување. Очигледно треба да се чујат и забелешките на тие кои ценат дека постои демократски дефицит во носење на некои политички одлуки за Европа, вели министерот Попоски. Според него Македонија мода да продолжи да го прави она што е во нејзин национален интерес.

-Да бидеме конкурентни и вклучени во рамки на најбогатиот заеднички пазар во светот и со тоа да создаваме подобри можности за работа и стандард на Македонските граѓани во Македонија, вели Попоски.

Првичните реакции на  најголемите партии во Македонија се генерално на иста линија дека Брегзитот значи голема загуба за Европската унија.

-Станува збор за одлука на Британците и британските даночни обврзници која мора да се почитува. Единствено што можеме ние е да им посакаме успех на патот кој го избрале. Европската Унија губи значајна членка која даваше свој придонес во процесот на проширување на Унијата. Во однос на расположението на народот во Македонија и влијанието на Брегзит, ќе видиме, тоа наскоро сигурно ќе го покажат и анкетите, непринципиелно е да се коментира сега, вели портпаролот на владејачката партија Иво Котевски во изјава за НОВА ТВ.

Ја делиме загриженоста којашто постои кај сите земји членки на Унијата, по референдумот во Британија. Особено што Македонија загуби една од земјите коишто беа силни поддржувачи на проширувањето. Како земја-претседавач со ЕУ, Британија силно го поддржа кандидатскиот статус на Македонија. Веруваме дека брзо ќе се изнајдат решенија за надминување на предизвиците. Социјалдемократскиот сојуз, како и огромното мнозинство граѓани во земјава, е убеден дека европските вредности и интегративните процеси што градат мостови меѓу граѓаните, народите и нациите се клучни за подобра и сигурна иднината на Македонија. Патот по којшто треба да се движи земјава е патот кон полноправно членство во Унијата, велат од  најголемата опозициска партија СДСМ.