Македонија
12. February 2016 - 13:26

Попоски-Курц: Низ Македонија ќе поминат толку мигранти колку што ќе примат земјите од ЕУ

Секој треба да си ја направи својата работа во својот дел и на своја територија за да можеме да имаме резултат кој ќе обезбеди хуман третман, но и безбедна и сигурна ситуација во однос на справување со мигрантската криза, се согласиле на денешната средба министрите за надворешни работи на Македонија и на Австрија, Никола Попоски и Себастијан Курц, кој во рамки на балканската турнеја низ шест земји, денеска престојува во Скопје.

- Најзначајно е дека Македонија е подготвена да ги преземе сите неопходни мерки за соодветно справување со мигрантската криза, нагласи македонскиот министер за надворешни работи Попоски на прес-конференцијата по средбата.

Шефот на австриската дипломатија истакна дека Македонија мора комплетно да биде подготвена да го стопира влезот на мигранти во нејзините граници, со оглед  на тоа што по Грција, таа е прва држава која се соочува со мигрантите.

- Се договоривме дека Австрија ќе даде поддршка и тоа не само персонал од редовите на австриската полиција и војска, туку истовремено и опрема, за да и се овозможи на Македонија на најдобар можен начин да се справи со предизвикот, рече Курц.

Австрија досега има примено 90 илјади мигранти, истакна министерот Курц, а во 2016 година горната граница ќе биде 37.500 мигранти кои ќе бидат примени.

- Веројатно за некој месец нашата максимална бројка веќе ќе биде постигната, така што Австрија ќе мора да ги стопира мигрантите на својата граница. Од овие наши одлуки ќе има секако последици долж рутата која е засегната, а тоа се Србија, Словенија, Хрватска и Македонија, изјави министерот Курц.

Во однос на можноста за отворање нови бегалски прифатени центри и кампови, Курц посочи дека дали ќе се отвораат дополнителни кампови тоа зависи од политиките кои ќе се  водат во државите кои се целни.

- Можно е доколку има голем број бегалци и во Македонија и во Грција да се отворат дополнителни прифатни центри каде што ќе мора да се задржат бегалците до моментот додека ќе можат да пројдат, но ние сме подготвени да дадеме помош и поддршка, рече австрискиот шеф на дипломатијата.

За време на средбата, на која се разговарало и за билатерланите односи и за ЕУ интеграциите, министерот Курц ја потврдил помошта од Австрија и во делот на контрола на границата и во делот на напорите за регистрирање, како во луѓе така и во опрема со цел Македонија да се справи на соодветен начин со сите мигранти кои транзитираат низ нејзина територија. Бидејќи сме транзитна земја, истакна Попоски, сите мерки кои ќе ги преземаме во следниот период ќе бидат во координација со нашите партнери и остантите земји кои се наоѓаат на овој коридор. Мерките кои ќе ги преземаме, подвлече, ќе бидат одраз на одлуките кои ќе се носат во Германија, Австрија и другите земјите-членки на ЕУ кои се крајна дестинација на мигрантите.

На прашање од австриски новинар кога Македонија ќе биде подготвена да ја затвори границата кон Грција и дали е подготвена да прифати австриски војници, Попоски појасни дека на оваа граница се преземени мерки да се спречат илегални влезови и да се обезбеди систем за регистрација на сите оние кои имаат основа да бидат баратели на азил во една од европските земји бидејќи доаѓаат во Македонија од земја-членка на ЕУ.

- Колку мигранти ќе влезат во Македонија, зависи од тоа колку мигранти ќе бидат примени во земјите-членки на ЕУ. Колку што ќе биде тој број, точно толку ќе пуштиме да транзитираат низ Република Македонија. Австрија може да прими 37.500, таа истата бројка треба да се стави за капацитет за апсорбција во Германија, во Шведска и во сите други земји и на тој начин ќе се добие тоталниот број кој ќе определи колку луѓе ќе можат да поминат низ македонска територија, појасни министерот Попоски.

Тој додаде дека повеќе од добредојдена е целата помош понудена од Австрија и од другите партнерски земји, особено знаејќи дека сите напори кои ги прават македонските институции во изминатиот период се финансирани исклучително од даночните обврзници на Република Македонија.

- До овој момент имаме добиено помош во полицајци. Во различни земји различен е системот. Она што ни е потребно се луѓе во униформа кои знаат да обавуваат задачи за контрола на границата и опрема која оди со нив. Кој и колку ќе дојде да ни помогне зависи од секоја влада, а во овој случај од австриската, одговори Попоски на прашањето за прифаќањето на австриски војници.

Курц за ова прашање дополни дека Австрија е подготвена да даде поддршка, но одговорноста, командата и водењето на целата работа и предизвиците, како што рече, ќе биде во рацете на Македонија.

- На македонска територија газди се македонските власти и ние одлучуваме за какви мерки и во колкава мера ќе преземеме, дециден беше Попоски, кој додаде оти на македонската граница во справување со илегалната миграција учествува гранична полиција, полициски сили, АРМ и тоа со сериозни напори за контрола и спречувања на нелегални преминувања на македонска територија. 

Во однос на внатрешно-политичката ситуација во Македонија, шефот на австриската дипломатија Курц ги повика Владата и опозицијата да ги почитуваат сите склучени политички договори за да може да се обезбедат слободни и фер избори.

Според Попоски, било дискутирано дека важно за политичкиот дијалог и интересот кој го имаме како држава е навремено да се исполнат сите задачи и обврски кои ги имаме, особено, истакна, клучната спроведување избори на 24. април. Тоа, смета тој, на некој начин ќе ни ги отвори вратите кон поголема посветеност на евроатлантската агенда. Добродојдена е и можноста за набљудување на следните избори од австриска страна, како и од сите други заинтересирани земји од ЕУ, затоа што, рече, тие ќе ни помогнат да го потврдиме кредибилитетот и да го зајакниме на некој начин кој го спроведуваме во однос на спроведување на избори.

Попоски ги оцени како одлични билатералните односи со Австрија, како земја втор најголем инвеститор во Република Македонија со што се потврдува дека е значајна за нашиот економскиот развој. Информира дека е двете МНР го усогласиле Акцискиот план околу идната соработка и на кое делови ќе се концентрираат.

Шефот на македонската дипломатија потенцира дека Австрија е во групата пријатели на Македонија кои во изминатиот период се трудат да овозможат кредибилен процес на евроинтеграции за Македонија и отпочнување на процесот на преговори со ЕУ.