Македонија
17. February 2017 - 19:07

Попоски: Изборите во САД, брегзиот, мигрантите и тероризмот главни предизвици на Минхенската безбедносна конференција

Најзначајно за Македонија од 53-тата Минхенска безбедносна конференција е фактот што безбедноста и предвидливоста на регионот ќе зависи од два клучни фактори, смета шефот на македонската дипломатија и вицепремиер Никола Попоски кој учествува на конференцијата.

,,Едниот ќе биде новиот тип на односи што се воспоставија по изборите во САД и одлуката на Британија да ја напушти ЕУ. Вториот фактор е секако кризата која е предизвикана од миграциите и во втор ред секако предизвиците со тероризмот и екстремизмот кои влијаат како на регионот, така и на Европа. Веројатно главниот фактор ќе биде на тоа прилагодување кое ќе следи во целиот период во Европа во однос на овие 2 типа на предизвици, едниот глобален, другиот европски’’, изјави Попоски.

Запирањето на мигрантскиот бран долж Балканската рута, токму од страна на Македонија, ги троши домашните ресурси. Попски вели дека има многу најави за помош за земјава, но и смета дека Македонија не би требало да се базира на таа помош, туку како и досега, на сопствената одлука да го запре мигрантскиот бран со сопствени ресурси и во соработка со земјите членки на ЕУ кои билатерално помогнаа во воспоставувањето контрола на границата.

Во рамките на минхенската безбедносна конференција освен обраќање на панелите, Попоски ќе оствари и повеќе билатерални средби со колегите од земјите-членки и партнери на НАТО и ЕУ.