Македонија
17. March 2017 - 14:45

Попоски: Интеграцијата во ЕУ најдобра гаранција за стабилен Балкан

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски во Виена оствари средба со австрискиот колега и актуелен претседавач со ОБСЕ, Себастијан Курц.

Како што соопшти МНР, министрите разговарале за регионалната стабилност и потребата од интегрирање во ЕУ како најдобра гаранција за развој на Балканот.

- Што и да се случува во регионот, какви и да се предизвиците, доколку членството во ЕУ изгледа достижно, тоа ќе ги стабилизира сите земји, а ќе ги релаксира и предизвиците внатре во Унијата. Мигрантската криза, геополитичките поместувања, заканите од радикализам и тероризам и глобалната конкурентност се само најсвежи примери за тоа дека делиме исти интереси. Единствено логично е да бараме обединување околу една кауза: да сме дел од ЕУ и од заедничкиот пазар е веројатно наједноставната гаранција за мир и развој во Македонија и Регионот, истакна министерот Попоски по средбата.

Средбата се одржа за време на посетата на Попоски на Виена, за време на која  се обрати на седница на Постојаниот совет на ОБСЕ.