Македонија
26. January 2016 - 18:26

Попоски: Групата на пријатели на Македонија во ЕП, чекор на остварување на ветеното - преговори за членство

Околу 25 пратеници во Европскиот парламент, предводени од хрватската европратеничка Маријана Петир, вечерва во законодавниот дом на Европската унија ќе ја формираат „Групата на пријатели на Македонија”, која постоеше и во минатиот состав на Европарламентот кога ја предводеше Германецот Мартин Кастлер. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, оваа група ќе има улога на мост на пријателство меѓу Европарламентот и македонската држава со цел побрзо интегрирање на Македонија во рамки на Европската унија.

Овој настан во ЕП, вечерва ќе го отворат токму европратеничката Петир и македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, кој во изјава за МИА од Европарламентот потврди дека ова е чекор кон остваруавњето нашата држава да ги почне пристапните преговори.

- Значајно е тоа што Европарламентот, како институција која во подолг временски период го поддржува пристапот за почеток на преговорите со Македонија е дека ние имаме група на пријатели што стојат принципиелно зад ставот дека е неопходно да се исполни европскиот дел од обврската. Македонскиот дел е се уште поврзан со целосно спроведување на политичкиот договор и реализацијата на изборите што се дел од него, а европскиот дел е дека потоа треба да биде донесен извештај што ќе даде конкретна препорака за отпочнување на членство со Република Македонија, вели министерот Попоски.

Според македонскиот шеф на дипломатијата, фокусот на официјален Брисел е бегалската криза и токму во овој дел, за ЕУ е многу важно во Македонија да има стабилна политичка состојба со цел оваа криза успешно да се менаџира и преку Македонија.

- Очигледно е дека европски интерес е да се воспостави ред и систем што ќе може да се применува на терен во врска со мигрантските бранови, особено пред да дојде следната пролет во која се очекува дека ќе има зголемен прилив. Во такви едни услови, европски интерес е во Македонија фокусот да не биде само на надминување на тековните политички проблеми, туку да се има чиста ситуација во која ќе може Владата и институциите сериозно да се справуваат со овој сериозен предизвик што го става под прашалник и опстојувањето на Шенген-режимот и слободата на движењето. Во такви услови, самата ЕУ не би си дозволила да може да биде компромитиран еден така важен интерес само поради непостоењето на волја кај некои политички субјекти во земјата, дециден е Попоски.

Во таква ситуација, македонскиот министер за надворешни работи вели дека постои “добра комбинација”.

- Тоа е комбинацијата на институцијата Европски парламент што принципиелно подолг временски период стои зад овој став и групата на земји-членки на ЕУ што минатата недела изразија поддршка дека по реализацијата на политичкиот договор во Македонија ќе биде неопходно Советот да донесе одлука што ќе ни ги отвори вратите кон преговори. Во домашниот дел, картите се кај нас и треба да инсистираме на целосно спроведување и заклучување на договорот со предвидените избори на 24 април. А, потоа, картите ќе бидат во европски раце и мислам дека промоцијата на Група на пријатели, како меѓу европарламентарците денеска, така и меѓу земјите-членки на ЕУ ќе биде јасен сигнал дека и Европа стои на кажаното, заклучува Никола Попоски.

Инаку, вечерашното формирање на “Група на пријатели на Македонија” во Европскиот парламент е под целосна опструкција и закана на дел од грчките европратеници, предводени од триото на неофашистичката „Златна Зора” генералите Јоргос Епитидеиос и Елефтериос Синадинос, како и на Ламброс Фунтулис. Тие се противат на употребата на терминот „Македонија” за оваа група, бидејќи според нив „Македонија е регион во Грција, каде министер за надворешни работи е Никос Коѕијас, а не Никола Попоски”. Тие инсистираат оваа група да го носи името„“Група на пријатели на БЈРМ”, за што упатувале и сериозни закани кон некои од европратениците што изразиле желба да уечствуваат во групата.