Македонија
17. July 2018 - 14:02

Попоски: Евроинтеграцијата е одговорност и на власта и на опозицијата

 Опозицијата и власта изнесоа различни ставови во однос на институционалната подготвеност на земјата за пристапните преговори на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ) на кој присуствуваа и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и известувачот за Македонија во ЕП Иво Вајгел.

Претседателот на НСЕИ и член на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски појасни дека скринингот е дијагноза, односно согледување колку сме усогласени со законодавството на ЕУ и дали имаме институции кои можат да ги применат тие закони. Според него, Македонија има одлични закони, но кубури со институциите и оцени дека е потребна промена на менталитетот „имаме мнозинство правиме што сакаме“

- Нам ни треба промена на матрица. Аргументот кој најчесто се користи за тоа е дека и оние пред тоа и пред, пред тоа истото го правеа. Тоа кој што правел во минатото треба да заврши и треба да почнеме да размислуваме за тоа што ќе правиме утре и понатаму. Веројатно тоа е можно бидејќи Македонија има капацитет. Граѓаните согледуваат што е добро, што не е добро и во кој правец треба да се движиме. Јас мислам дека имаме привилегија да ја зацврстиме Македонија и да и помогнеме да го смени менталниот склоп. Тоа носи одговорност не само за власта, туку и за опозицијата, рече Попоски.

Според него, наместо да продолжиме во следните шест месеци да печатиме закони за кои куп експерти и наши пријатели од ЕУ ќе оценат дека се супер, да седнеме и шест месеци да се посветиме на скрининг наш, домашен, македонски на капацитетот на институциите за пример. Ако се обединат позиција и опозиција околу скринингот на тие институции Македонија ќе добие. Ако не го смениме тоа, нема да не спаси ни скрининг. Потребна е промена на менталитетот, рече Попоски.

Реплицираше потпретседателката на НСИ Ивана Туфегџиќ која посочи дека доаѓањето на еврокомесарот Хан со најавен почеток за еден темелен скрининг процес за отпочнување на преговорите на РМ е клучниот момент којшто сите дома треба да го сфатиме пред да почнеме да делиме лекции околу тоа кој како треба да се однесува дома и пред да кажеме дека сме ги чуле домашните задачи од ЕУ, а кои всушност доаѓаат од нашите граѓани.

- Претходната политичка криза беше криза поради недостаток и на дијалог внатре во институциите помеѓу власта и опозицијата и со граѓанското општество. Во Собранието особено по 27 април се направија сериозни напори од сите политички фактори за надградување на дијалоготот и не само за законите за кои е потребно двотретинско мнозинство. Затоа овој собраниски состав има најголем број меѓупартиски тематски групи кои се занимаваат со различни прашања, рече Туфегџиќ.