Македонија
4. March 2021 - 20:17

Пополнети капацитетите на Инфективна, од утре стартува со работа и модуларната болница

Од утре наместо за вакцинација на здравствените работници, модуларната болница повторно ќе биде за прием на болни со Ковид 19. Драстичното зголемување на бројот на заразени и компликациите кои настануваат од вирусот ги принуди надлежните повторно да ги зголемат капацитетите за сместување. Нема слободни кревети на Инфективна, а полна е и болницата 8-ми Септември каде за едно деноноќие во амбулантите и тријажниот центар прегледуваат над 230 пациенти. Инфектолозите предупредуваат дека мора сите да бидеме внимателни за да не се повтори состојбата од ноември минатата година.

- Работата не е завршена, може повторно да има зголемување на бројот и затоа мора да бидеме предострожни и да внимаваме и сите мерки што се на сила да се почитуваат. Ние мора да бидеме подготвени да го примиме секој пациент што има потреба од згрижување, вели др. Милена Стевановиќ, директор на Клиника за Инфективни болести.

На Инфективна во моментот се исполнети сите места со 99 хоспитализирани од кои поголем број се со компликации и на кислородна поддршка. Она што ги загрижува лекарите е што во болница лежат помлади пациенти на возраст од 30 до 50 години.

- И јас имам впечаток дека повеќе се помлади хоспитализирани и тоа најверојатно што постарите се поисплашени и се чуваат. Она што на почетокот го зборувавме дека вируасот е поопасен за постарите се покажа дека не е вистина. Мора да сме внимателни бидејќи не знаме каква клиничка слика може да даде заразата, вели Стевановиќ.

И според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, податоците покажуваат дека изминатите седум дена повеќе од 36 проценти од заразените се во старосната група од 30 до 50 години.

Во моментот на болничко лекување има 787 пациенти а најзагрижувачка е состојбата во Кавадарци, Охрид и Прилеп.