Свет
26. July 2021 - 8:28

Поплави во Лондон, поради надојдената вода затворени осум метро станици | ВИДЕО

Пороен дожд и грмотевици го погодија Лондон и предизвикаа поплави во делови на главниот град на Велика Британија, поради што беа затворени осум метро станици, а две болници побараа од пациентите да не ги користат нивните ургентни центри.

Поплавените болници „Випс Крос“ и „Њухем“ вчера побараа од пациентите да одат во други болници, доколку е можно, се додека не ги решат „оперативните проблеми“ предизвикани од поплавата.

Пожарникарите соопштија дека добиле околу 300 повици, главно од населени места каде се поплавени подруми, јави Би-Би-Си.

Голем број улици во главниот град се затворени, вклучувајќи ги тунелот Блеквол, А12 и делови од северната обиколница. Голем метеж беше создаден на другите правци во градот, а осум метро станици беа затворени.

Предупредување за можна бура и грмотевици е во сила за поголемиот дел од југоистокот на Англија, а во некои области најавија метеоролозите 75 до 100 милиметри дожд.

Локалните власти советуваа да не се патува додека не помине невремето.