Македонија
14. September 2016 - 18:10

Поплави, пукнати цевки и урнати ѕидови регистрирала и полицијата

Помали штети од серијата земјотреси во Скопје, граѓаните пријавувале и во Министерството за внатрешни работи. Поплавени простории во зградата на Македонската радио телевизија, оштетени патнички возила, паднати кабли од бандера врз куќа, пукнати цевки од топлификација и краток прекин на електричната енергија се дел од пријавите на жителите на општина Центар. Целосно срушен кров од куќа во Драчево и опожарена куќа во Чаир се исто така последица од земјотресите. Со полесни телесни повреди на главата, рамото и ногата, се здобила и жителка на Кисела Вода врз која паднале неколку керамиди од кров додека го напуштала домот за време на потресите. Штети пријавиле и тројца жители на Аеродром чии станови биле поплавени од пукнати цевки за парно греење.

Земјотресите оштетиле и неколку службени простории на СВР Скопје. Помали штети се утврдени во полициските станици во Карпош, Арачиново и на Бот Пазар.

Од СВР Скопје информираат дека тие редовно присуствуваат на состаноците на Кризниот штаб и на Град Скопје и дека засега не е побарано дополнително или засилено присуство на полицијата на терен. За констатираните оштетувања се изготвуваат службени белешки и тие ќе бидат пријавени на телефонскиот број на Центарот за управување со кризи 195.