Македонија
16. January 2022 - 18:44

Попладнево продолжи расправата за избор на нова влада, до полноќ треба да се гласа

 И во текот на попладневниот дел од вториот ден од собраниската расправа за избор на нова влада, пратениците од опозицијата и од власта имаа спротивставени ставови и дискусии за работата и постигнувањето на досегашната влада и за очекувањата од идната.

Претпладнево, како и во текот на вчерашниот ден, опозициските пратеници посочија дека новата влада само ќе продолжи по неуспешните стапки на претходната, која ја следеа корупција, криминал и скандали. Таа нема легитимитет и потребни се нови избори. Пратениците од власта пак сметаат дека досегашната влада мошне добро се справила со досегашните предизвици, а од новата очекуваат уште повеќе работа во интерес на граѓаните и државата.

Пратеничката Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ во дискусијата истакна дека не може да се очекува нешто ново и подобро од влада во чиј состав се министри кои се одговорни за голем број скандали, корупција и криминал во досегашната Влада. Влада која, како што рече, лошо ја менаџирала здравствената и економската криза, и која лошо ја менаџира и надворешната политика доведувајќи ја земјата во национална потчинетост.

-За какво владеење на право или антикорупција се зборува кога пред очите на јавноста се случуваа Рекет, Мафија, Ден Дончев, Рашковски, нарачани судски пресуди, пасоши на нарко босови, Луј Витон торби, кинески провизии итн. Но, најодговорните министри за сите овие случаи повторно се во оваа нова влада, посочи Пешевска.

За разлика од неа, пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, пак, смета дека претходната Влада добро се справила со предизвиците, а од новата очекува уште повеќе работа, одговорност и посветеност за доброто на граѓаните и државата. Граѓаните, рече, очекуваат одговорност и од власта, но и од опозицијата, која според неа никако да се одрече од навиките за поделби, неосновани критики и напади и да понуди решенија.

– Немаме ниту една минута, да се однесуваме неодговорно и теснопартиски, наместо државнички. Ова го потенцирам бидејќи досегашните дискусии на колегите пратеници од опозицијата, без токму такви –теснопартиски – чиста загуба на времето кое го немаме на претек. Изборот на оваа влада го правиме во едно тешко време кога се соочуваме со здравствена, економска и енергетска криза што го зафати целиот свет, вклучително и нашата држава. Овие предизвици со кои се соочуваме и прашањата кои треба да ги решаваме го обврзуваат идниот премиер и министрите да работат двојно повеќе, да бидат двојно поодговорни и поефикасни бидејќи граѓаните тоа го бараат од нас, додаде таа.

Пратеникот Фадил Зендели од БЕСА истакна дека е сосема оправдано да се постави прашањето за легитимноста на оваа влада. Вели дека за легитимитетот на владата што треба да биде избрана се дискутира затоа што има дисконтинуитет од парламентарните избори во 2020. Премиерот даде оставка, а со тоа во оставка е целата влада. Се поставува и прашањето, рече Зендели, што во моментов има мандатар кој, како што истакна, не учествувал на избори и не бил носител на процесите на претходните избори.

Претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза до 19:15 часот, кога треба да продолжи расправата за избор на новата влада.

Собраниската расправа за избор на нова влада почна вчера. Расправата може да трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до вечерва на полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.