Македонија
5. September 2021 - 19:51

Пописот почна - првиот ден без пријавени проблеми

Најголемата статистичка операција во земјава почна утрово во 8 часот. Со заштитни маски, лаптоп во рацете и легитимација, попишувачите заѕвонеа на врата кај граѓаните.

Попишувачот замина без да го попише ова семејство бидејќи не беа сите членови дома па не можеше да одговори на предвидените прашања.

По еден попишувач ќе доаѓа на врата, секој од нив има пописен круг од 100тина домаќинства кои треба да ги заврши до 30 септември. Од утрово не бил одбиен ниту еден попишувач и не се регистрирани проблеми. Директорот на ДЗС повика граѓаните масовно да се вклучат бидејќи од овој попис ќе зависат развојните политики во државата за наредните 10 години. Симовски е убеден дека отпорот од одредени структури нема да успее.

Граѓаните задолжително да инсистираат на почитување на ковид протоколите и доколку наидат на прекршување да го пријават попишувачот. Доколку инсистираат тој да биде вакциниран ќе им биде закажан друг термин за попишување со попишувач кој примил вакцина.

Во просек по 15 минути ќе трае попишувањето на едно домаќинство за да се одговори на прашалникот. На дневна основа јавноста ќе биде информирана за бројот на попишани во изминатиот ден. Симовски уверува ниту еден податок од пописот нема да биде злоупотребен и најави дека по Нова година ќе ги имаме сите потребни податоци за тоа колку граѓани живеат во државата, во какви услови живеат, со кое ниво на образование и работен статус како и сите други неопходни статистички податоци за креирање на политиките во иднина.